Двете комисии на министерството за здравство ќе добијат кривична пријава од Стоматолошката комора за, како што велат, лажни наводи за комората. Претседателот Маријан Денковски за Телма тврди дека има обемна документација со која пред судот ќе докаже дека одземањето на ингеренциите за издавање на лиценци е незаконски.
„Имаме кривична пријава за комисиите кои се работеле по налог на министерството, затоа што сметаме дека има многу работи кои не се точни, не многу, туку 100% не се точни наводите во извештаите врз кои се повикува министерот. Исто така, имаме и тужба на Управен суд за управната постапка кое е дојдено до решение за одземање на ингеренциите“, Маријан Денковски претседател на Стоматолошка комора
Денковски тврди дека вработените имале притисоци од комисиите, па поради тоа неколку од нив си поднеле оставки.
„Во моментов имаме активни четири оставки од службениците и не знам дали и комората ќе може да успее без нив, а не министерството кое и така нема можност да го изработи ова што ние го работиме. Во оставките се наведени страшните притисоци кои се прават врз нив и страшните информации дека се гонети, дека се под МП мерки“, додава Денковски.
Министерот Алиу во емисијата „Топ Тема“ на Телма рече дека процесот за одземање на ингеренциите на Стоматолошката комора е започнат од претходните министри.
„Целата инфраструктура, административна на комората е таму каде што е. Сите документи, сите работни групи се исти, дополнително има само луѓе од министерството за здравство се со цел да ги следиме процесите и да нема злоупотреби понатаму според наодите што ги имаме. Не би сакал да прејудицирам за тој дел, најверојатно институциите ќе треба според законите да излезат со решение и со наод дали сме на прав пат, дали е законски или не е законски“, изјави министерот за здравство, Азир Алиу во интервјуто во „Топ Тема“.
Пред повеќе од еден месец министерот за здравство ги одзеде ингеренциите на стоматолошката комора да издава лиценци со тврдења дека имало пропусти и сомнежи за финансиски злоупотреби. Во комората влезе и финансиската полиција и управата за јавни приходи. Стоматолошката комора брои околу 2.800 членови.
Симона Петровска
