Владата имала право да донесе одлука за бројот на советници во општинските совети, оценија мнозинството уставни судии кои одлучија да не поведат постапка за оценување на уставноста. Во дискусијата, претседателот на Уставниот суд рече дека наводите на подносителите од „Европски фронт“ предводен од ДУИ се апсурдни и манипулативни. Одлуката на владата, рече, има уставна и законска основа и е правилна, освен за тие што сакаат да бидат нереални и да живеат во соништа.
Манипулативноста, пак, според него е во тврдењето дека одлуката има етнички предзнак, затоа што во четири општини со доминантно албанско население се намалува бројот на советници, иако вистината е дека намалување има во 14 општини од кои повеќето се македонски, како Кратово, Крива Паланка, Ново Село, Пехчево и други, а во три општини има и зголемување.
Известителот за предметот, судијката Кацарска, е со истиот став. Потенцираше дека законски е утврдено дека дијаспората гласа само на парламентарни и на претседателски, а не и на локални избори.
„Апсолутно, Владата е единствениот орган кој може да ја донесе оваа одлука, а надлежноста ја црпи од Уставот, член 91, алинеја 1, бидејќи таа е надлежна за извршување на законите. Воедно, надлежноста произлегува и од член 63, став 3 од Законот за Влада на Република Северна Македонија. Околу извршувањето на законите, нема кој друг да е надлежен, освен самата Влада“, рече Кацарска.
Со истото мислење се и судијките Тања Бозаџиева, Ана Павловска Данева и Јадранка Дабовиќ кои, исто така, укажаа и дека дијаспората не може да учествуваат во управување со општините и да носат одлуки од типот на тоа, колку градинки ќе има, а колку судии и полицајци во една општина.
Беше укажано и дека, критериумот „жители“ е јасно утврден во повеќе закони и не може да подразбира вкупно население. Укинувањето на методологијата за попис од нивна страна може да влијае само на иден попис, нема друга правна последица, оттаму и не може да се доведе во корелација со овој предмет.
Судиите Осман Кадриу, Фатмир Скендер и Насер Ајдини беа со став дека, владата немала правна основа, затоа што со укинувањето на методологијата, станува незаконски и секој акт што произлегува од неа.
Уставност нема да се оценува ниту за упатството на ДИК. Неодамна уставните судии донесоа одлука и да не ја оценуваат уставноста на правилникот на ДИК со кој се предвидува кандидатура да може да се поднесе и со два потписи од граѓани.
Судиите денеска утврдија и дека правата на новинарката Наташа Стојановска ѝ биле повредени со пресудите на Основниот и на Граѓанскиот суд од Скопје за настаните во Собранието од 27 април 2017 година. Ова е трета ваква одлука за новинари кои откако судовите ги одбија нивните тужбени барања за повреда на правата при известувањето за настаните, побараа оценка и од Уставниот суд.
Далиборка Демјанска Цветановска
