Вести Македонија Топ вести

Дескоска: Не може секогаш вината да се бара во наводните „дупки” во законите

Случајот со двојното убиство и самоубиството во Велес не смее да се затвори, заради тоа што убиецот е мртов, реагира професорката и поранешна министерка за правда Рената Дескоска во објава на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Дескоска го посочува примерот со најновиот случај во Италија каде Европскиот суд за човекови права утврди дека Италија прекршила два члена – членот за забрана за нечовечно или понижувачко постапување и оној за право на приватен и семеен живот. Жалителката во овој случај тврдела дека по разделбата од „партнерот“ била изложена на „психолошки“ и „физички“ притисоци, контроли, „вознемирување“ и „закани“ и дека властите не презеле навремени и соодветни мерки за нејзина заштита.

Во врска со случајот во Велес смета дека е потребна целосна истрага за да се утврди институционалната одговорност.

„Не може секогаш вината да се бара во наводните „дупки” во законите. А, најблиските роднини на убиените во Велес имаат право да ја тужат државата за сериозни прекршувања на домашното право и Европската конвенција за човекови права и да бараат надомест на штета“, изјави Рената Дескоска, поранешна министерка за правда.

Фемицидот да биде посебно кривично дело и истиот да биде криминализиран, да се подигне свеста за родово-базирано насилство и што истото подразбира, порачаа од Граѓанската организација Новинари за човекови права.

„За нас сè уште останува отворено прашањето зошто фемицидот како поим сè уште не се употребува како што е тоа примерот во Кипар, Малта, Италија, па дури и европската директива 24 која од минатата година го воведува фемицидот како поим во однос на кривичното дело убиство по род“, рече Наташа Доковска, програмска директорка на Новинари за човекови права.

Сепак, од Министерството за правда посочуваат дека по ратификацијата на Истанбулската конвенција се направени првите законски измени кои го криминализираат родово базираното насилство и ја воведуваат новата казна за фемицид со предвидени строго дефинирани казни. Фемицидот е дефиниран како посебен квалифициран облик во кривичното дело „Убиство“:

„Квалификуваниот облик е во ставот 2 кој што предвидува казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор и во алинеите вели тој што ќе лиши жена или девојче до 18 години при вршење на родово базирано насилство“, изјави Николина Микеска Костадиновска, раководител на сектор правосудство во Министерството за правда.

Мината година за прв пат се формираше Комисија за исплата на паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство која веќе процесуира предмети.

Нина Стефанова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гори Канада – над 800 активни пожари, најголем дел се надвор од контрола

Sasko Dimovski

Кос со осуда на изјавата на српската министерка Пауновиќ дека етнички би го исчистила Косово во 1998 година да била на местото на Милошевиќ

Sasko Dimovski

(Видео) Улици претворени во реки – силно невреме вечерва ја зафати Битола

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе