Вести Македонија

Здруженијата на судии и на јавни обвинители контра премиерот Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека платите што во моментов ги земаат судиите и обвинителите не ги заслужуваат, имајќи во предвид неколку судски одлуки, меѓу кои и за онкологот Мери Пешевска која призна вина и доби условна казна.

Според него, кога се зборува за доцнењето на судските реформи е донесување на шест закони кои во суштина се зголемување на буџетот од коишто, како што вели Мицкоски, директно ќе имплицира зголемување на платите на обвинителите и судиите.

„Со вакви одлуки, судиите и обвинителите не ги заслужуваат ни сегашните плати, а не пак да бараат повисоки“, рече Мицкоски, објаснувајќи дека најавените реформи во правосудството всушност се сведуваат на барања за зголемување на буџетите и платите, иако довербата на јавноста во овие институции е под 2%, рече Мицковски.

По изјавата на премиерот Мицкоски за пресудата за раздвоената постапка по повод признание на вина во предметот во јавноста познат како „Онкологија“, од Кривичениот суд Скопје со одговор дека ги упатува медиумите да се обратат до Судскиот совет на Република Северна Македонија кој е надлежен да ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт.

Од обвинителството одговораат дека признанието на вина и осудителната пресуда изречена за една од обвинетите во предметот „Онкологија” е потврда за основаноста на наводите во обвинението поднесено од Основното јавно обвинителство Скопје. Посочуваат дека висината на санкцијата за стореното кривично дело ја одредува Судот.

Од Здружението на судии, пак, порачаа дека основно правно начело согласно домашните и меѓународните правни стандарди е да не се коментира неправосилна судска одлука, со цел да не се влијае на натамошната судска постапка и одлучување на повисок степен.

„Заради тоа и во овој случај, иако како судство сме прозвани за донесената неправосилна пресуда за предметот познат како „Онкологија“, донесена врз основа на признание на вина, Здружението на судии на РСМ, ќе ги почитува правните стандарди и нема да даде свој коментар“, се вели во писменото соопштение.

„По однос на „вечната тема” – платите на судиите во земјава, Здружението на судии јавно ќе ги обелодени фактите кои се проверливи и достапни за јавноста, а тоа е дека платите на најголем број на судии во Основните судови во РСМ, со фамозното „зголемување“ од 78 проценти, достигнува до 86.000 денари, а примањата на судските службеници се исклучително ниски и под просечната плата во РСМ. Ваквите плати на судиите и секако судските службеници се апсолутно најниските во регионот и пошироко“, велат од Здружение на судии на РСМ.

Се огласи и Здружението на јавни обвинители за висината на платите кои велат дека новиот закон предвидува вкупниот буџет на институцијата да изнесува 0,5% од државниот буџет, а не од бруто домашниот производ. Тие средства се наменети не само за платите на јавните обвинители, туку за целокупните трошоци на јавните обвинителства во државава.

„Споредено со сите земји во регионот, а и пошироко, и по процентуален удел и по вкупен износ на средства, земјава се наоѓа на дното во однос на буџетските издвојувања за оваа намена. Јавните обвинители и јавнообвинителските службеници имаат најниски плати во споредба со сите останати земји во регионот. Бројот на јавни обвинители и на јавнообвинителска служба е далеку под европскиот просек, а сепак обвинителствата успеваат да го совладаат приливот на предмети и да решат по 20-тина илјади предмети годишно“, велат од Здружение на јавни обвинители.

Според Здружението на јавни обвинители токму овие факти ги препознава и Европската унија и од тие причини финансиската самостојност и обезбедувањето ресурси за обвинителството се меѓу клучните реформи кои се бараат од нашата земја.

Викторија Јованова Димитровска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Екоорганизации бараат Владата итно да ги повлече концесиите за геолошки истражувања во 27 општини – предупредуваат дека се крши законот за минерални суровини

Tea Dimkovska

Расте интересот на читателите за класиците

Дејан Дејан

Левица: Пропадна можноста за суштински изборни реформи, ДПМНЕ и СДСМ си обезбедија 10 милиони евра за политичка пропаганда

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе