Вести Свет

Канада, Австралија и Велика Британија ја признаа Палестина – за Израел ова е награда за Хамас

Во координирана дипломатска акција, три големи држави од западниот свет ја признаа денеска палестинската држава. Најпрвин, Канада стана првата членка на Г7 која донесе ваква одлука, по што државата Палестина беше призната и од Австралија.

Неколку минути подоцна во видео порака објавена на неговите профили на социјалните мрежи, британскиот премиер, Кир Стармер, потврди дека Обединетото Кралство  ја признава палестинската држава.

„Денеска, за да ја заживееме надежта за мир и решението за две држави, јасно кажувам, како Премиер на нашата држава, дека Обединетото Кралство формално ја признава државата Палестина. Ја признавме државата Израел пред повеќе од 75 години како татковина за еврејскиот народ. Денеска им се придружуваме на повеќе од 150 држави кои исто така ја признаваат државата Палестина. Ова е ветување до Палестинците и Израелците дека подобра иднина е можна“ – изјави британскиот премиер, Кир Стармер.

Иако во првиот дел од своето видео обраќање најпрвин се погрижи што е можно повеќе да го осуди Хамас, Стармер, соочен со реалноста од тоа што Израел го прави во Газа веќе две години и големиот број гласови кој можеби неговите Лабуристи засекогаш ги изгубија, што го навестуваат и истражувањата на јавното мислење, го критикуваше и Израел.

„Непрекинатото бомбардирање на Газа од страна на Израелската влада, кое постојано се засилува, офанзивата од последните недели, изгладнувањето и уништувањето се целосно неприфатливи. Десетици илјади се убиени, вклучувајќи и илјадници додека се обидуваа да земат храна и вода. Оваа смрт и уништување не ужаснуваат. Ова мора да заврши“ – додаде Стармер.

Израелското министерство за надворешни работи оцени дека признавањето на Палестина не е ништо повеќе од награда за џихадистите од Хамас, додека секогаш за војна подготвениот премиер на Израел, Бенјамин Нетанјаху, најави дека ќе се бори против признавањето на Палестина.

„Ќе мора да се бориме и во Обединетите Нации и сите други арени против лажната пропаганда против нас и повиците за воспоставување на палестинската држава која ќе го загрози нашето постоење и ќе претставува апсурдна награда за тероризмот. Меѓународната заедница ќе слушне повеќе од нас за оваа тема во наредните денови“ – рече израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.

Признавање на Палестина прв најави францускиот претседател, Емануел Макрон, иако тоа се очекува да го направи во текот на работата на Генералното Собрание на Обединетите Нации. Единствено најмоќниот Израелски сојузник, Соединетите американски држави, не ни помислуваат да ја признаат палестинската државност и продолжуваат со безусловната политичка и воена поддршка на еврејската држава.

Решението за две држави требаше да послужи како рамка за мир меѓу Израел и Палестинците чие територии еврејската држава ги окупира и администрира. Се предлага независна држава Палестина, формирана само на дел од својата историска територија, на Западниот Брег и во Газа, со источен Ерусалим како главен град. Идејата е дека таа држава мирно би коегзистирала со Израел.

Но таа идеја е пред целосно уништување од страна на екстремно десничарската влада на Бенјамин Нетанјаху, која подржува проширување на илегалните доселенички населби на Западниот Брег, планира да ја раздели оваа територија од источен Ерусалим а речиси целосно ја уништи и сета инфраструктура неопходна за живот во Газа.

Доколку не го направиме ова признавање сега, тврди еден неименуван британски дипломат, наскоро можеби и нема да постои нешто што би можеле да признаеме.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Во јуни загинаа најголем број украинските цивили од април 2022 година

Дејан Дејан

Франција повторно падна во полуфинале против Шпанија

Sportska Redakcija

Илон Маск веројатно го прекршил законот давајќи им на гласачите 1 милион долари – утврди изборната комисија во Висконсин

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе