Вести Свет

Министрите за финансии на Г7 разгледуваат можни санкции и царини за поддржувачите на руската војна

Министрите за финансии на земјите од Г7 разговараа за можно воведување санкции и трговски мерки, како што се царини, против земјите за кои сметаат дека „ја овозможуваат“ војната на Русија во Украина, соопшти канадското Министерство за финансии.

За време на состанокот во Отава, министрите се согласија да ги забрзаат дискусиите за користење на замрзнатите руски средства за финансирање на одбраната на Украина и разговараа за „широк спектар на можни економски мерки за зголемување на притисокот врз Русија, вклучувајќи дополнителни санкции и трговски мерки – на пример, царини – за оние кои ги овозможуваат воените напори на Русија“, се вели во соопштението.

Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, и трговскиот претставник на САД, Џејмисон Грир, пред другите министри за финансии изјавија дека треба да им се придружат на САД во воведувањето царини на земјите што купуваат нафта од Русија.

Само со обединети напори, кои ќе ги прекинат приходите што ја финансираат воената машина на Путин, ќе можеме да извршиме доволен економски притисок за да се стави крај на бесмислените убиства, изјавија Бесент и Грир.

Бесент и Грир ги поздравија заложбите преземени за време на разговорот за засилување на притисокот од санкциите и истражување на можноста за користење на запленетите руски средства во корист на одбраната на Украина.

Претходно истиот ден, портпарол на Министерството за финансии на САД ги повика сојузниците од Г7 и Европската Унија да воведат „значајни царини“ на стоките од Кина и Индија за да извршат притисок врз нив да прекинат да купуваат руска нафта.

Американскиот претседател Доналд Трамп воведе дополнителни 25 отсто царини на увозот од Индија за да изврши притисок врз Њу Делхи да прекине да купува руска сурова нафта со попуст, со што вкупните казнени царини за индиските стоки достигнаа 50 проценти и ги влошија трговските преговори меѓу двете земји.

Но, Трамп се воздржа од воведување дополнителни царини на кинескиот увоз поради тоа што Пекинг купува руска нафта, додека неговата администрација се придржува до деликатното трговско примирје со Пекинг.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мицкоски не е оптимист дека ќе има договор за Изборниот законик

Kristina Kuzmanovski

Го користел владиниот лирџет за приватни посети, сe возел со рент-а-кар платен со државни пари – екс директорот на СОЗР е обвинет за злоупотреба на 130 000 евра

Sonja Petrusevska

Турски суд издаде налог за апсење на Нетанјаху

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе