Русија и Белорусија ја започнаа долго најавуваната заедничка воена вежба, која делумно ќе биде одржана и на белоруска територија. Наречена „Запад 2025“ вежбата ќе трае до 16 септември и нејзината цел е да ја демонстрира блиската безбедносна соработка меѓу двете држави, но во исто време и воената моќ на Русија.
Заедничката воена вежба дополнително ја зголеми загриженоста кај Западот, не само затоа што руската инвазија на Украина започна по слична заедничка вежба во Белорусија, туку и затоа што таа стартува само неколку денови откако 20 руски дронови го нарушија воздушниот простор на Полска.
Европските НАТО членки одговорија со авиони ловци кои ги урнаа беспилотните летала за кои проценија дека претставуваат опасност по цивилите во Полска. Западните земји веднаш обвинија за руска провокација, но уште позагрижувачки за нив беше нивната неподготвеност која овој инцидент ја разоткри. Дел од нив порачаа дека веднаш ќе преземат мерки за тоа, додека Франција отиде дотаму што распореди авиони во Полска.
„Намерно или не, случајно или не, сето ова е многу сериозно, сето ова е апсолутно неприфатливо. Сето ова е само дополнение на безбројните провокации на Владимир Путин, кој сака да ги претстави Европејците како воени подбуцнувачи, додека тој дозволува нарушувања на териториите на европските држави. Одговоривме со сила. Сакам да кажам дека кога полски, холандски и италијански авиони уриваат руски дронови неколку километри во полска територија, тоа е силна реакција, а одлуката на претседателот на републиката ја демонстрира нашата одлучност да не бидеме заплашувани“, изјави Жан Ноел Баро, министер за надворешни работи на Франција.
