Националниот фронт продолжи со повиците до францускиот претседател Емануел Макрон да распише предвремени избори или да си поднесе оставка. Лидерката на крајно десничарската партија Марин Ле Пен посочи дека Макрон минатата година претрпе два тешки изборни порази, прво на европските избори а потоа и на предвремените парламентарни.
Според Ле Пен, претседателот има ограничен избор за излез од моменталната криза која ја зафати Франција, а тоа е или да распише предвремени избори или пак да си поднесе оставка. Ле Пен и Националниот фронт инсистираат дека таа ќе биде претседателскиот кандидат на партијата не само за изборите предвидени во 2027, туку дури и во случај Макрон да поднесе оставка, и покрај тоа што во април годинава беше осудена за проневера на европски фондови и ѝ беше забрането да учествува на избори.
Ле Пен ја обжали таа одлуки и пресудата на апелациониот суд се очекува да биде донесена во јануари идната година.
– Без разлика кога ќе бидат следните претседателски избори, дали ќе бидат предвремени или редовни во 2027, вие останувате кандидат на Националниот фронт, и покрај правните пречки.
-Да, токму така, рече Ле Пен.
-Го кажувате тоа како да е очигледно. Претходно зборувавте за правни лекови. Кои се тие правни лекови?
-Секако. Јас сум борбена. Ќе ја бранам мојата невиност и ќе ги искористам сите правни лекови кои ми се достапни за да ја одбранам слободата на Францускиот народ самиот да го избере својот кандидат. Бидејќи за тоа се работи, и ми се чини дека Уставниот совет објави таква интерпретација пред неколку недели, изјавувајќи дека гласачите се слободни да гласаат и дека тоа е нивно уставно право. Затоа, јас ќе го бранам тоа право на Францускиот народ, да не бидат ускратени од нивниот кандидат, или во случајов, од нивниот кандидат жена“ објасни Ле Пен.
