Тројца тинејџери се тешко повредени, меѓу нив и осомничениот напаѓач, во пукање што се случи во средата попладне во средното училиште „Евергрин“ во предградие на Денвер, соопштија властите.
Пукањето било пријавено околу 12:30 часот по локално време, на територија на училиштето, кое се наоѓа околу 50 километри западно од Денвер, информира портпаролката на шерифската канцеларија на округот Џеферсон, Џеки Кели.
Не е јасно што го предизвикало инцидентот, ниту како осомничениот бил застрелан. Властите потврдија дека полицијата која реагирала на местото на настанот не употребила огнено оружје.
Сите три тинејџери, кои биле застрелани, се пренесени во болницата „Сент Ентони“ во Лејквуд и се во критична состојба, изјави директорот на болницата, Кевин Кулинан.
Шерифската канцеларија на округот Џеферсон е истата институција што реагираше и при трагичниот масакр во средното училиште „Колумбајн“ во 1999 година, кога загинаа 14 лица. Една од жртвите тогаш почина оваа година од компликации поврзани со повредите здобиени при нападот.
