Се заострува реториката додека партиите се загреваат за официјалната предизборна кампања. Еден ден откако спикерот Гаши најави Декларација на Собранието за фер и демократски избори, продолжија „вжештените“ пораки од „партиските кујни“.
Во блокот на албанските партии, денеска обвинувања за финансиски криминал и повици за одговорност. Кандидатите за Чаир во судир околу извештајот на Државна ревизија, за спортскиот центар „Борис Трајковски“ и организацијата на Самитот на ОБСЕ во Скопје во 2023 година.
-Ништо ново за Османи, секаде каде што бил злоупотребил. Додека беше министер за здравство доби епитет „пациент“, министер за надворешни работи – ете може како наградно прашање да покренеме како може за еден ден милион евра да се трошат за рент-а-кар во една мала Македонија, на еден многу мал простор, вели Изет Меџити, вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање.
-Ниту имало ревизија на ОБСЕ, имало ревизија во „Борис Трајковски“ за да видат како тие ја прифатиле опремата. Ова е една целосно измислено прашање коешто се вади постојано заради тоа што се исплашени од анкетите. Никој не може да ме обвини за корупција во целата моја политичка кариера, одговори Бујар Османи од ДУИ.
Традиционалните опоненти на македонската политичка сцена денеска ја одбраа економијата како поле за меѓусебни препукувања. Преписката ја започна претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Венко Филипче.
Пред еден од најтешките месеци во годината, граѓаните се соочени со суровата економска реалност- сè е поскапено, а платите стагнираат. ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски свесно ги туркаат граѓаните во сиромаштија. Македонија се претвора во земја на сиромаштија и неизвесност, напиша претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на социјалните мрежи.
Набрзо потоа, одговор пристигна од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Класична СДС матрица на лаги и дефокус. Додека народот преживуваше, тие купуваа јахти и си планираа луксузен живот со украденото богатство од народот. Би го прашале Филипче: кога толку глуми загриженост за државата, зошто не им каже на своите 6% поддржувачи колку чини еден ден возење на јахтата?, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.
Во меѓувреме, течат роковите на Државната изборна комисија. Во тек е увидот во избирачкиот список и ќе трае до 11 септември. Изборната кампања за првиот круг започнува на 29 септември на полноќ и трае непрекинато до 17 октомври.
Петар Догов
