Вести Свет

Пет новинари меѓу 20-те жртви во израелски напад врз болница во Газа

Израел го засилува темпото на напади врз цели во Газа. Меѓу метите се најде и болницата Насер, пришто загинаа најмалку 20 луѓе. Mеѓу нив има медицински персонал, пациенти и пет медиумски работници. Во двата брана израелски удари смртно настрадаа новинарка на Асошиејтед прес, камермани на Ал Џазира и на „Ројтерс“, како фоторепортер на британската новинска агенција. Медиумските куќи ги потврдија загубите на своите колеги, а „Репортери без граници“ го осудија нападот и побараа итен состанок на Советот за безбедност при Обединетите нации (ОН).

„Апелираме до Советот за безбедност на ОН да свика итен состанок за да разговара за ова. Нашата програма е многу едноставна и доколку има политичка волја, може лесно да се спроведе. Прво, треба да ги евакуираме палестинските новинари на кои им е потребна евакуација. Второ, треба да овозможиме отворање на Појасот Газа за меѓународниот печат, а Бенјамин Нетанјаху објасни дека би бил спремен да го отвори повеќе и трето, треба да го прекинеме циклусот на неказнивост за злосторствата извршени против палестинските новинари“, изјави Тибо Брутин, директор на „Репортери без граници“.

Израелските сили изразија жалење за колатералните штети, најавија истрага за нападот за кој рекоа дека не бил насочен кон новинари. Болницата во јужниот дел на Појасот со денови беше во фокусот, а последниот напад врз неа предизвика остри осуди, бидејќи е една од последните функционални медицински установи во тоа подрачје.

„Израелската окупација тврди дека постојат хуманитарни зони, но целиот Појас Газа е бомбардиран секоја минута и секунда, на југ, на север и насекаде на друго место. Нема безбедно место во Појасот Газа“, вели Авад Абу Агала, роднина на жртва во израелски напад.

Воен комплекс, електрани, претседателската палата во Сана. Ова се само дел од метите на израелските воздушни удари врз Јемен, како одговор на проектилот и двата дрона што милитантната група ги истрела минатата недела кон аеродромот Бен Гурион во близина на Тел Авив. Според јеменското Министерство за здравство, во нападот се убиени две лица, а над 30 се повредени. Израелската војска ги потврди воздушните удари, а министерот за одбрана порача дека за секоја истрелана ракета кон Израел, ќе биде одговорено со „камата“.

„Продолжуваме да наметнуваме воздушна и поморска блокада и да напаѓаме инфраструктурни цели што се користат за промоција на тероризмот на Хутите. За секоја ракета што ќе ја лансираат кон Израел, Хутите ќе плаќаат со камата“, порача Израел Кац, министер за одбрана на Израел.

Неговата порака доаѓа по состанокот со премиерот Бенјамин Нетанјаху кој дели ист став. Вели дека во Јемен се гаѓани стратешки цели и оти Израел нема да му остане должен никому.

„Кој и да нè нападне, ние го напаѓаме. Кој и да планира да нè нападне, ние ќе одговориме. Мислам дека целиот регион учи за моќта и решителноста на Израел“, предупреди Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Организацијата на исламски држави ги осуди последните настани и предупреди дека геноцидната агресија на Газа, како ја нарекоа, може да го зафати целиот Блиски исток. Турскиот министер за надворешни работи повика на запирање на војната, создавање на обединет одговор на исламскиот свет и мобилизирање на меѓународната заедница. Според него, честите напади на Нетанјаху Сирија, Либан, Иран и Јемен откриваат поширока агенда за дестабилизација на целиот регион.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Од понеделник е можно повторно намалување на акцизата за горивата

Sasko Dimovski

Бев тргната за да се спаси имотот на ВМРО-ДПМНЕ, обвинува Ристоска

Sasko Dimovski

Од понеделник можно е повторно намалување на акцизата за горивата – се чека да се види како ќе затворат берзите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе