Притвор од осум дена доби 43-годишниот родител од Скопје кој вчера, на натпреварот на фудбалерите од генерација 2009-2010 година меѓу екипите на Шкупи и Брегалница на стадионот „Бело Брдо“ во Штип, физички нападна двајца малолетни фудбалери. Судијата на претходна постапка, воедно и портпарол на Основниот суд во Штип, Сашко Георгиев потврди дека на лицето А.А. од Скопје му е одредена мерка притвор од осум дена, по што по скратена постапка ќе следи и судење.
Осомниченото лице ќе се спроведе во затворот во Куманово. Основното јавно обвинителство Штип денеска информираше дека има поведено и итна постапка против 43-годишниот родител за кривично дело „Насилство“ од член 386, став 4, во врска со став 3, и став 1 од Кривичниот законик. Тој извршил грубо насилство на 24 август на стадионот „Бело Брдо“ во Штип за време на фудбалски натпревар меѓу младинските екипи на фудбалските клубови „Брегалница“ и „Шкупи“.
„Со дејствијата, тој ја загрозил сигурноста на две деца родени 2010 година, играчи за тимот на Брегалница, нанесувајќи им телесни повреди. Освен тоа, кај оштетените, останатата присутна публика и во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв“, се вели во соопштението од Обвинителството.
Како што и вчера информиравме, инцидентот се случил во 89-тата минута од натпреварот, кога судијата поради прекршок доделил втор жолт картон со што го исклучил од игра синот на осомничениот, кој играл за Шкупи.
„Незадоволен од одлуката, најпрво синот се однесувал неспортски и со тупаници и со удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на Брегалница. Тогаш на теренот влегол таткото и со тупаници и клоци започнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им телесни повреди – повеќе набиеници и скршеница на нос без дислокација. На игралиштето влегле и други лица од публиката, кои спречиле натамошна ескалација на настанот“, се вели во соопштението од Обвинителство.
Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) донесе и неколку дисциплински мерки. На играчот на Шкупи, чиј родител веќе е во притвор, му е изречена најстрогата санкција исклучување од фудбалска организација. Покрај него, против уште двајца играчи на Шкупи, кои се вклучени во инцидентот, е поведена постапка, по што им е изречена забрана за играње во траење од три месеци.
Казна да не игра четири натпревари доби и 15-годишен фудбалер на штипска Брегалница, којшто се впуштил во груба игра и самозаштита при нападот. Се поведува постапка, организаторска и колективна одговорност се бара и од двата клуба, Шкупи заради нападот на родителите врз противинички играчи, а Брегалница заради слаба организација на натреварот и пропуст во обезбедувањето.
Од ФФМ информираат дека казна има и за координаторот на Шкупи, поради давање на лажни информации, измама и доведување во заблуда, бидејќи во графата за шеф на стручен штаб се ставени лица, коишто воопшто и не присуствувале на натпреварот.
Остри осуди за вчерашното насилство на спортски терен има од целата македонска јавност и спортските клубови. Двајцата 15-годишни фудбалери на штипска Брегалница се во стабилна состојба, а дежурниот лекар во штипската болница кај пациентите констатирал телесни повреди, а еден од нив се здобил и со пукнатина на носна коска.
Викторија Јованова
