Со факели, петради но и испукан еден истрел во воздух, втора ноќ по ред продолжија судирите меѓу демонстрантите и лојалните поддржувачи на владејачката Српска напредна партија во најголемите градови во Србија. Факели и петарди фрлаа поддржувачите на владејачката Српска напредна партија врз антивладините демонстранти во Нови Сад што ја натера полицијата да интервенира. Протестите се одржаа во 30-тина градови во соседната држава.
Најмасовни беа во Белград и Нови Сад, каде повеќе илјади луѓе го изразија своето незадоволство од власта, протестирајќи пред канцелариите на партијата на претседателот на Србија.
–Повеќе од кога било претходно порано, потребно е ние да се слушаме меѓусебно, да се разбираме меѓусебно и никого да не мразиме. Страшни работи вечерва правеа во Нови Сад, но и понатаму ги прават, но кога ќе покажете волја и желба со мир и трпение да ги решавате работите, на крај секогаш ќе победите. И Србија ќе победи, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.
За време на протестите, еден припадник на војската извлекол пиштол и испукал еден истрел во воздух. Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека станува збор за офицер на војската на Србија кој бил на службена должност и обезбедувал една личност, не откривајќи за кого станува збор. Според Дачиќ десетици, можеби повеќе од 70-80 граѓани се повредени од блокадите. А против 47 лица се поднесени прекршочни пријави и пет кривични пријави.

Студентското движење пак „Студенти во блокада“ се огласи на социјалните мрежи, обвинувајќи ја власта за намерна ескалација на конфликтот и обид за предизвикување граѓанска војна. Во нивната објава, студентите тврдат дека властите ги идентификувале граѓаните и студентите како главни виновници, додека претседателот јавно најавил „чистка“, отфрлајќи го дијалогот како опција.

Најавија нов протест за вечерва.

Опозицијата ги обвини поддржувачите на Вучиќ дека се одговорни за судирите. А според извештаите на меѓународни организации, властите во Србија одговориле со репресија, вклучувајќи произволни апсења, физички напади, надзор и закани кон студенти, професори и активисти. Судирите меѓу граѓаните и поддржувачите на владеачката партија, екалираа вчера, по повеќе од девет месеци постојани демонстрации против Вучиќ.
Кристина Кузмановски
