Што може реално да се очекува од утрешниот самит Путин-Трамп на Алјаска. Завршување на војната во Украина е главната тема за која ќе разговараат двајцата лидери. Зеленски, денеска на последни консултации, беше во посета на Лондон, додека рускиот лидер го брифираше својот најтесен круг за очекувањата од дијалогот со Трамп.
Најтешко прашање се очекува да биде идниот статус на украинската територија која ја освои Русија.
Што може да се очекува од самитот Трамп-Путин на Алјаска?
Последни координации на украинскиот лидер Володимир Зеленски со западните сојузници пред утрешниот самит Путин -Трамп на Алјаска. Оптимизам или скептицизам, што воопшто може да се очекува од разговорите на двајцата лидери.
Зеленски денеска беше во Лондон, каде што се сретна со премиерот на В.Британија, Кир Стармер. Двајцата лидери не дадоа никакви изјави ниту пред почетокот , ниту по крајот на средбата, игнорирајќи ги новинарите кои гласно довикуваа, обидувајќи се да добијат повеќе детали. Молкот е веројатно тактички, особено по вчерашната виртуелна средба со Трамп, на која западните лидери се обидоа да ги усогласат ставовите.
Во меѓувреме, детали за агендата на самитот Трамп-Путин, пристигнаа од Москва.
Лидерите прво ќе имаат разговор во четири очи, со преведувачи а потоа во средбата ќе се вклучат и по пет члена од секоја делегација. Разговорите ќе почнат во 11 часот и 30 минути по локално време, односно 21 часот и 30 минути по централно европско време а по нивното завршување ќе биде одржана и прес конференција.
Пред заминувањето за Алјаска, рускиот претседател за очекувањата од самитот со Трамп ги брифираше и своите највисоко рангирани соработници.
Сакам и да ви кажам за тоа до каде сме во односите со актуелната американска администрација, која како што сите знаат, прави, според мене, навистина енергични и искрени напори да ги запре непријателствата, да и стави крај на кризата и да постигне договори кои се од интерес за сите страни во конфликтот, со цел да создаде долгорочни услови за мир меѓу нашите земји, како во Европа, така и во целиот свет, ако постигнеме договори во областа за контрола на стратешките офанзивни оружја во наредната фаза, изјави рускиот претседател Владимир Путин.
Пред почетокот на разговорите, не запираат судирите. Украинците истрелале повеќе десетици дронови на цивилни цели во јужните руски градови Волгоград, Белгород, но и Ростов на Дон. Во Белгород, дронот уништил автомобил во овој град, при што биле повредени три лица.
Во Ростов на Дон, дрон уништил најмалку 10 стана во станбена зграда , во градот кој се наоѓа во близина на границата со Украина.
Тринаесет цивили се повредени, од кои две лица се хоспитализирани во тешка здравствена состојба.
Во Украина, последниот смртоносен напад е во градот Харков, каде едно лице биле убиено а едно повредено во ракетен напад врз овој град.
Најтешко прашање на разговорите во Алјаска се очекува да биде статусот на украинската територија која е под контрола на Русија. Иако официјален Киев инсистира дека нема да се согласи на промена на границите со сила, нереално е да се очекува и дека Русија лесно ќе се согласи на маса да го изгуби тоа што го освои со многу крв, загуби и жестоки борби.
Но, огромни загуби во војната имаат и Украинците.
Според мене, најважно за нас не е прашањето на границите од 1991-та година, како зборат најмногу од Украинците. Сега, најважно прашање е да се заштитат животите на мажите и жените во војската. Конечно, не ни остануваат премногу човечки ресурси, и затоа треба мирно да размислиме за фактот дека границите се граници, но човечките животи немаат цена. Затоа, некои принципи може и да се игнорираат, вели Антон Вишњак, украинец од Киев.
Покрај човечките загуби, Русија има интерес за крај на војната во Украина и заради последиците од економските санкции од САД и Западот, инфлацијата и меѓународната изолација.
Никола Илиевски
