Вести Свет

Опасност од поплави поради топење на глечерите – прогласена вонредна состојба на Алјаска

Неколку жители на Алјаска ги напуштија своите домови, откако водата од ледничкото езеро почна да тече од базенот што претходно го држеше глечерот Менденхол, што предизвика страв од рекордни поплави во Џуно, главниот град на оваа американска држава, пишува „Би-Би-Си“.

Националната метеоролошка служба (НВС) во Џуно издаде предупредување за поплава, бидејќи водата од ледничкото езеро се излеа во реката Менденхол, загрозувајќи ги домовите во областа.

Локалните власти со денови ги предупредуваат жителите дека може да бидат принудени да се евакуираат, а во вторникот потврдија дека водата ја пробила ледената бариера и дека се очекуваат поплави во наредните денови. Глечерот, популарна туристичка атракција, е оддалечен околу 19 километри од Џуно.

Според „Ен-Би-Си“, нивото на водата достигна три метри во вторникот, што е под нивото на големата поплава што започнува на 4,3 метри. Но, до вчера наутро се искачи над 4,8 метри, што се смета за врв. „Ова ќе биде нов рекорд, врз основа на сите информации што ги имаме“, изјави метеорологот Никол Ферин на прес-конференција.

Веб-страницата на градот Џуно објаснува дека поплавите од излив на леднички езера се случуваат кога езерото создадено со топење на снег, мраз и дождовница одеднаш се празни. Тие го споредија процесот со вадење затка од полна када. Кога водата ќе достигне одредено ниво, може да го прелее глечерот што ја задржувал.

Гувернерот на Алјаска, Мајк Данливи, прогласи вонредна состојба во неделата поради „непосредна закана од катастрофални поплави предизвикани од излив на леднички езера“ во областа Џуно. Поплавите се годишен проблем во областа од 2011 година, при што некои домови веќе се уништени или однесени од поројни дождови. Минатата година, стотици домови беа оштетени.

Планинските глечери се топат низ целиот свет со зголемувањето на температурите. Вишокот вода може да се собере и да формира леднички езера, а научниците забележале дека нивниот број и големина се зголемуваат глобално од 1990 година.

Природните брани од мраз и карпи што ги задржуваат овие езера можат одеднаш да попуштат, предизвикувајќи ненадејни поплави. Истражувачите очекуваат климатските промени да го зголемат бројот на вакви поплави во иднина, иако минатите трендови и причините за поединечните поплави се сложени.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Демант од Мелиса Прошева од Кочани на изјавата на адвокатот Зоран Зафировски

Tea Dimkovska

Се капеле во Треска и одеднаш водата ги повлекла – по итен повик биле спасени

Tea Dimkovska

Каква реформа му е потребна на македонскиот пензиски систем?

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе