Болниците во Појасот Газа се преполнети и едвај функционираат поради големиот број повредени на пунктовите за дистрибуција на храна, соопшти Светската здравствена организација.
Според д-р Рик Пеперкорн, претставник на СЗО за окупираната палестинска територија, од крајот на мај досега на овие локации животот го загубиле 1.655 лица, а над 11.800 се повредени, што довело до сериозен недостиг на крв.
„Во моментов, помалку од 50% од болниците и само 38% од центрите за примарна здравствена заштита во Газа се делумно или минимално функционални“, рече Пеперкорн.
Дополнително, во јули е регистриран рекорден број на акутно неухранети деца – скоро 12.000 под петгодишна возраст.
Војната започна по нападот на милитанти предводени од Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени околу 1.200 лица, претежно цивили, и беа киднапирани 251 лице во јужен Израел.
Повеќето заложници се ослободени преку прекини на огнот и договори, но околу 50 сè уште се во Газа, од кои Израел верува дека 20 се живи.
Воениот одговор на Израел досега, според Министерството за здравство во Газа, резултираше со над 61.400 загинати Палестинци, од кои околу половина се жени и деца.
