Францускиот претседател Емануел Макрон денеска повтори дека иднината на Украина не може да се одлучи без вклучување на самите Украинци, во пресрет на најавената средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин, закажана за 15 август во Алјаска.
„Би било потребно и Европејците да бидат дел од решението, бидејќи станува збор за нивната безбедност“, напиша Макрон на социјалната мрежа Икс, додавајќи дека денеска разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски, како и со германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер Кир Стармер.
Изминативе денови, Киев интензивираше комуникации со западните сојузници откако пратеникот на Трамп, Стив Виткоф, ја посети Москва и најави потенцијален мировен договор.
Истовремено, шефот на британската дипломатија Дејвид Лами и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс се среќаваат со украински и европски претставници во Велика Британија за координација на мировните напори.
