Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека би се сретнал со неговиот руски колега Владимир Путин, без разлика дали рускиот претседател ќе се сретне со украинскиот лидер, Володимир Зеленски. Од друга страна, Путин изрази надеж за средба со Трамп веќе наредната недела, најверојатно во Обединетите Арапски Емирати.
Официјален претставник на Белата куќа го доведе во прашање самитот Трамп – Путин, ако рускиот претседател не се сретне со Зеленски. Изјавата на Путин дојде во очи на рокот што го постави Трамп за покажување напредок од Москва за завршување на војната во Украина која трае три и пол години или во спротивно ќе се соочи со санкции, пренесува АП.
Говорејќи за можни директни разговори со Зеленски, Путин рече дека неколку пати повторувал оти не е против и дека таква можност постои, но потребно е да се создадат одредени услови за да се случи. Кремљ претходно соопшти дека Путин и Зеленски треба да се состанат кога нивните делегации ќе бидат блиску до договор.
Сè уште се очекува дека САД ќе воведат санцкии на Русија, изјави функционер во Белата куќа која инсистираше на анонимност.
