Претседателот на Украина, Володимир Зеленски призна дека повеќе не е можно враќање на териториите под контрола на Русија со оружје и оти ќе биде неопходно да се бараат дипломатски решенија.
Според пишување на британски „Телеграф“, Зеленски истакнал дека Киев би поздравил прекин на огнот, кој би ја замрзнал војната на моментната линија на фронтот, но без меѓународно признавање на руска контрола врз било кое од „окупираните подрачја“.
„Сепак, Зеленски призна дека ослободување на окупираните територии со оружена сила повеќе не е можно и дека ќе биде потребно користење на дипломатски средства“, наведува весникот.
Во истиот текст се цитирани и резултати од истражувањето на американскиот Институт Галуп според кои само една четвртина од Украинците се подготвени за борба со Русија „до крај“, што укажува на значителен пад на верувањето во можноста за воена победа.
Изјавата следува по еден ден од состанокот на специјалниот американски пратеник Стив Виткоф со рускиот претседател Владимир Путин во Москва по кој е најавен и состанок меѓу лидерите на САД и на Русија.
