Палестински жени и деца продолжуваат да се соочуваат со смртна опасност додека очајно се обидуваат да обезбедат храна за своите семејства во северниот дел на Појасот Газа, кадешто израелската офанзива трае речиси 22 месеци.
Сцените од дистрибутивниот центар во Зиким, управуван од изведувач поддржан од САД и Израел, сведочат за хаос и насилство. Жители раскажуваат дека биле мета додека чекале помош. Според здравствени власти, најмалку 33 лица биле убиени во неделата при обид да земат храна.
Меѓу нив се и бројни жени како Инаам Сиам вдовица и мајка на шест деца. „Секој ден излегувам за да земам храна, знаејќи дека можам да загинам. Но, ако бидам убиена, кој ќе се грижи за моите деца?“ прашува таа. „Има илјадници жени во мојата ситуација.“
Мохамед Мудеирис, младо момче кое го изгубило татко си во воздушен напад, се обидувал да обезбеди храна за своето семејство. „Се враќав со празна чинија додека толпа луѓе и камиони се движеше во спротивна насока,“ рече тој.
Макбула Адас, мајка на три ќерки, раскажа дека нејзиниот сопруг и син се повредени и дека таа сама мора да се грижи за нив. Фаиза ал-Терамси сведочи дека додека куршуми летале над нејзината глава, таа лежела на земја обидувајќи се да се заштити.
Организациите на ОН алармираат дека Газа со повеќе од 2 милиони жители се соочува со „најлошото сценарио на глад“. Според нивните податоци, 859 лица се убиени во близина на хуманитарни пунктови во периодот од 27 мај до 31 јули, а стотици други по должината на конвојски рути.
Израелската армија тврди дека користи само предупредувачки истрели, додека приватната изведувачка компанија GHF наведува дека нејзините сили користеле бибер спреј и воздушни истрели за да спречат толпи.
Сепак, Министерството за здравство на Газа соопшти дека само во изминатите 24 часа, шест возрасни лица починале од причини поврзани со неухранетост, со што бројот на возрасни жртви поради глад достигна 82 во последните пет недели. Од почетокот на војната, 93 деца починале од слични причини.
Хуманитарната помош беше целосно блокирана од 2 март до 19 мај. Иако израелските власти оваа недела најавија зголемување на протокот и дозволија воздушно исфрлање на помош од меѓународни сили, ОН и хуманитарните организации предупредуваат дека состојбата на теренот не се подобрува.
Овој конфликт започна по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, при што беа убиени околу 1.200 лица, а 251 беа киднапирани. Од тогаш, израелската воена офанзива резултираше со повеќе од 60.800 жртви во Газа, според локалните здравствени власти.
