Пред точно 80 години, во Втората Светска војна, Соединетите Aмерикански Држави фрлија атомска бомба врз Хирошима, каде беа убиени околу 140.000 луѓе, а три дена подоцна уште 74.000 загинаа во Нагасаки.
Детонација на околу 600 метри ги разнесе луѓето низ воздухот. Илјадници човечки тела останаа под урнатините, другите беа убиени од летачките остатоци при експлозијата, додека повеќето од преживеаните подоцна го загубија животот од големото количество на радијација.
„Кога го отворивме капакот на засолништето од воздушни напади, градот Хирошима беше целосно уништен што планините, кои порано изгледаа далеку, сега изгледаа како да се во близина“, се присетува Тамико Сора, преживеана од атомската бомба.
Децении подоцна, експертски тимови во областа ги пребаруваат останките од исчезнатите, водени од желбата да им се оддаде почит на жртвите, но и да им се ублажи болката на преживеаните кои сè уште ги живеат горчливите сеќавањата на нивните исчезнати блиски.
„Иако поминаа 80 години, како човечки суштества, прво треба да ги пронајдеме останките. Потоа, мора да им дадеме соодветно, човечко погребување. Во моментов, тоа е само почва што ги покрива. Тоа навистина не може да се нарече погреб“, изјави Ребун Кајо, истражувач на Универзитетот Хирошима.
Што можело да згреши едно мало детенце, се прашува истражувачот Кајо, кој досега нашол околу 100 фрагменти од коски, вклучувајќи парчиња череп и остатоци од детски заби. Останките ги нашол во областа Ниношима, по сведочење на преживеан кој ги гледал војниците како ги закопуваат телата кои биле донесени на островот со бродови.
Сеќавањата на звуците за помош – сè уште одекнуваат во ушните школки на преживеаните.
„Жена, со целото тело изгорено, држејќи мало дете во рацете викаше: „Ве молам, само спасете го ова дете“, додава Сора, преживеана од атомска бомба.
Страотната трагедија и денес останува жива рана во колективното сеќавање на човештвото. Гласовите на преживеаните повикуваат на сеќавање, сочувство и одговорност за ужасот никогаш веќе да не се повтори.
Теа Димковска
