Стив Виткоф, се сретна со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во обид да ги спаси разговорите за прекин на огнот во Газа и да разговара за хуманитарната криза во енклавата, каде што набљудувачите велат дека се заканува глад.
–Најбрзиот начин да се стави крај на хуманитарната криза во Газа е Хамас да се предаде и да ги ослободи заложниците!, напиша американскиот претседател Доналд Трамп на Truth social, кратко по пристигнувањето на Виткоф.
Специалниот претставник на САД пристигна во Израел додека владата на Нетанјаху се соочува со зголемен меѓународен притисок поради широкото уништување во Газа и ограничувањата за помош на територијата.
По средбата, висок израелски функционер рече дека постои растечко разбирање меѓу Израел и САД дека е потребно да се премине од план за ослободување на некои од заложниците кон план за ослободување на сите заложници, разоружување на борците на Хамас и демилитаризација на Појасот Газа.
Службеникот не даде детали за тоа каков би бил тој план, но се смета за премин од барање ограничен прекин на огнот кон посеопфатен договор. Функционерот додаде дека Израел и САД ќе работат на зголемување на хуманитарната помош во услови на тековните борби во Газа.
Виткоф денеска ќе отпатува во Газа за да ги провери испораките на помош во храна, додека работи на конечен план за забрзување на испораките во енклавата, соопшти Белата куќа.
