Дојде на власт со ветување за искоренување на корупцијата, со акцент на високата, во општеството. Шест години подоцна, украинскиот претседател Володомир Зеленски повлече потег кој се косеше со неговиот предизборен завет. Ја одзеде независноста на двете агенции за борба против корупција. Националната антикорупциска канцеларија и Посебното антикорупциско обвинителство ги стави под надзор на државниот обвинител што лично тој го постави на функцијата. Законот го образложи со „чистење“ на двете тела од руско влијание.
Зеленски веднаш се најде на удар на критики. Во земјата избија протести. Илјадници луѓе излегоа на улица, а притисок почна да чувствува и однадвор. Се огласија и Брисел и Вашингтон кои побараа враќање на старото законско решение, во спротивно се заканија со запирање на финансиската и воена помош. Соочен со незгодната ситуација во која дополнително западна и ризикот од, макар и ограничена револуција, на домашната сцена среде војна, што уште помалку му одговараше, преовлада рациото и прагмата над егото во него. Предложи закон со кој по седум дена ја врати независноста на двете антикорупциски тела, Врховната Рада го изгласа што еуфорично беше поздравена од демонстрантите.
„Мислам дека и ова придонесе за успешниот исход од гласањето. Ми се врати довербата дека нашиот глас се слуша кога го правиме да се слушне“, изјави Софија Пивторак, демонстрантка.
„Луѓето сега ќе ги набљудуваат постапките на оваа влада под микроскоп. Народот и владата имаа „непишан договор“. Владата ефикасно реагираше на предизвиците на војната, додека општеството се воздржуваше од јавни манифестации и протести. Тоа сега го нема“, вели Володимир Ариев, адвокат.
По изгласување на законот се огласи и Зеленски. Тој се заблагодари на пратениците чие огромно мнозинство гласаа за враќање на независноста на двете антикорупциски тела.
„Ова е гаранција за правилно, независно, функционирање на антикорупциските тела во нашата држава и сите агенции за спроведување на законот. Законот гарантира отсуство на какво било надворешно влијание или мешање, вклучително и преку редовни полиграфски проверки на сите припадници на органите за спроведување на законот кои имаат пристап до државни тајни или имаат роднини во Русија. Ова е вистинската одлука“, порача Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Националната антикорупциска канцеларија и Посебното антикорупциско обвинителство беа основани во 2015 година, по протестите на Мајдан, за борба против корупција и непотизам меѓу високите државни функционери и политичари. По барањата на западните сојузници, Украина воспостави мрежа на антикорупциски тела. И покрај ова, земјата останува една од најкорумпираните во Европа, според невладината организација „Транспаренси интернешнл“.
Сашко Димовски
