Доналд Трамп, издаде наредба со која се спроведува вкупна царина од 50 проценти за Бразил, соопшти Белата куќа, во најновата ескалација на агресивната трговска војна на неговата администрација.
Трамп претходно се закани дека ќе воведе царина од 50 отсто за Бразил, која ќе стапи во сила на 1 август, во писмо што го испрати претходно овој месец до претседателот на земјата, Луиз Иназио Лула да Силва.
Во тоа писмо, Трамп се закани со висока царина ако Бразил не го заврши судењето против поранешниот десничарски претседател, Жаир Болсонаро.
Во наредбата со која ги зголемува царините за Бразил за 40 отсто, со што вкупно тие изнесуваат 50 проценти, Трамп ја обвинува бразилската влада за „сериозни злоупотреби на човековите права што го поткопале владеењето на правото во Бразил“.
Тој воведе и „универзални тарифи од 50 отсто за увоз на полуготови бакарни производи“, вклучувајќи цевки, жици и лимови, и „деривативни производи со интензивна содржина на бакар“, соопшти Белата куќа.
Овие нови тарифи ќе стапат во сила на 1 август, а исклучок ќе бидат бакарни производи, кои веќе се предмет на царини за автомобили.
Минатата година САД увезле бакар во вредност од 17 милијарди долари. Чиле бил најголемиот снабдувач на металот, испорачувајќи го во вредност од 6 милијарди.
Во преговорите со Јужна Кореја пак е постигнат договор и пониска царинска стапка од првично најавената.
Трамп објави договор за царини од 15 проценти за увоз од оваа земја. Тој објави „сеопфатен трговски договор“ меѓу двете земји на неговата онлајн платформа Truth Social.
„Јужна Кореја ќе им обезбеди на САД 350 милијарди долари (приближно 303 милијарди евра) преку инвестиции“ и ќе купи течен природен гас или други енергетски производи во вредност од 100 милијарди долари, напиша Трамп. Дополнителен износ на инвестиции ќе биде објавен за време на посетата на јужнокорејскиот претседател на Вашингтон во следните две недели.
