Емисии Код Македонија

КОД: Стажот на заменик директорката во разузнавање нема кој да го измери за да се утврди дали ги исполнила законските услови и добила позиција со плата од 2.500 евра

Колкав е успех на старата и како да изгледа новата национална стратегија за борба против корупција, тоа е последната информација на сајтот на Антикорупциската комисија. Неколку фотографии на кои се гледаат десетици луѓе присутни на расправата и опис кој кажува што ќе се прави.

Претседателката на ДКСК Татјана Димитровска во своето обраќање порачала дека за успех во таа борба зависи од посветеноста на многумина, а први на листата се владини функционери, па институциите, приватниот сектор, невладиниот, граѓаните. Место во таа борба има и за меѓународните партнери и за политичката волја и за напредокот во технологијата.

Очeкувано или неочекувано, на таа листа борци, според претседателката Димитровска не се најдоа новинарите и медиумите односно оние кои откриваат најмногу корупциски случаи и разоткриваат најмногу корумпирани функционери. Ги наоѓаат и во највисоките ешалони на власта.

А токму тие највисоки функционери ги нема на друга листа на ДКСК од говорот на Димитровска, таа навела дека клучни области во кои корупцијата најчесто се појавува, се јавната администрација, судството, јавните набавки и други витални сектори.

Дали доаѓаме до новокомпонирана  антикорупциска македонска поговорка „Од дрвото, не се гледа шумата“. Функционерите изоставени од листата на најризични за корупција, а новинарите избришани од списокот на борците против корупција.

Случај запрен, одговори за исполнување на услови-нема

Секако тоа не не поколеба, да влеземе во истражување на тоа ниво. Неделава, ДКСК ја објави својата одлука за назначувањето на Ивана Стојановска за заменик директорка во Агенанцијата за разузнавање. Случајот е отворен во јули откако претходно претседателката Гордана Силјановска ја назначи Стојановска за заменик директорка во Разузнавање.

Се оспоруваше дали таа има доволно искуство и стаж согласно законот за да стане заменик директорка и дали биле подметнати фалисфикувани документи или досиеја за да се овозможи одлуката на Силјановска.

Комисијата расправаше зад затворени врати поради дел доверливи документи кои биле дел од предметот. И Антикорупционерите одлучија да ја запрат постапката бидејќи слична пријава за „лажна биографија и фалсификувани документи со кои во заблуда е доведена претседателката“- имало и во обвинителството.

Одговор на ДКСК:

Воспоставена пракса на ДКСК е секогаш кога ОЈО започнува да постапува по одреден предмет кој се води и во нашата институција, ние како институција која не е дел од судската власт го запираме постапувањето по нашиот предмет, имајќи предвид дека ОЈО има надлежност да преземе истражни дејствија со кои ќе се утврди вистинитоста на наведените индиции и следствено на тоа може да поведе постапка која би резултирала со конечен судски епилог. ДКСК дури и во случај да ја продолжи постапката, во рамките на нашиот мандат најмногу што би можеле да направиме е да пријавиме во ОЈО. Бидејќи ОЈО веќе има отворено предмет, логиката на процесните постапки налага дека ДКСК не би требало понатаму да се инволвира во предметот на ОЈО во случајов.

Плата од 2.500 евра

На сајтот на антикорупциска, Стојановска доставила анкетен лист во кој е наведено дека добива плата од над 155 илјади денари или околу 2 и пол илјади евра месечно. На сајтот на Агенцијата стои дека работи во Агенцијата за разузнавање од 2016-та година, а претходно била дел од наставниот кадар на приватниот универзитет ФОН.

После 8 година разузнавање е поставена за заменик директор. А две години подолг безбедносен стаж стои во законот за Агенција за разузнавање каде е прецизирано дека заменик директор мора да има „најмалку десет години работно искуство од областа на безбедноста, одбраната или надворешната политика,“. Токму тој услов е најоспоруваниот во биографијата на Стојановска и за тој услов се очекуваше одлука од ДКСК која на крај ја запре постапката.

Упативме и такво прашање до Антикорупциска.

ПРАШАЊЕ НА КОД:

Кој според Вас, треба да одлучи дали Стојановска го исполнила потребниот стаж за да биде назначена на функцијата?

ОДГОВОР ОД ДКСК:

Како што веќе ви одговоривме отворен е предмет во ОЈО и сите спорни прашања ќе бидат расчистени во рамките на таа постапка. Ние понатаму не би смееле да се инволвираме, да влијаеме врз таа постапка и да ја прејудицираме одлуката.

Значи антикорупциска смета дека обвинителството треба да утврди дали Стојановска или пак некој друг функционер исполнуваат услови за функцијата.

ДКСК се откажа, обвинителството не проверува

Во кривичниот законик не најдовме член кој опишува таков криминал за неисполнување услови на функција, па прашавме во обвинителството дали тие сега ќе одлучат дали Стојановска има 10 години безбедносен стаж колку што законски треба или има 8 колку е и впишано во биографијата. Обвинителството беше јасно дека тоа не е нивна надлежност.

ОДГОВОР ОД ОБВИНИТЕЛСТВО:

Надлежниот јавен обвинител презема дејствија за проверка на наводите САМО во рамките на своите надлежности, односно испитува евентуална кривична одговорност.

И сега доаѓаме до лавиринт, Антикорупциска ја запре постапката иако не утврди дали ги исполнува условите за функција што по дефиниција не е кривично дело, а обвинителството не може да истражува таму бидејќи не станува збор за кривично дело. Без разлика на разликите во потребниот стаж, ДКСК заврши една антикорупциска битка со запирање и со документи барани од само три места, универзитетот каде работела заменичката пред да се вработи во Агенцијата и од кабинетот на претседателката. Обвинителството всушност истражува,но тоа што е во нивна надлежност, а тоа не се услови за именување на функција.

ОДГОВОР ОД ОБВИНИТЕЛСТВО:

Во Основното јавно обвинителство Скопје е оформен предмет во кој се споени неколку пријави примени анонимно преку редовна пошта и различни електронски адреси. Пријавите се во врска со постапки за назначување во Агенцијата за разузнавање,

Антикорупциска не барала податоци од Агенцијата за вработување каде според шифра на дејност лесно може да се види дали Стојановска била во бебзедносниот или во научно-образованиот сектор. И одлучи без нив.

И асистент на факултет за безбедност е искуство во областа на безбедноста- Кабинетот на Силјановска со толкување за заменик директорката во разузнавање  

На одлуката на ДКСК за Стојановска стојат 4 потписи, и оној на Димитровска. Потпишани се 3 службеници и членот на комисијата кој го работел предметот, Софија Спасова Медарска. Таа е соруга на адвокатот Филип Медарски кој често го застапуваше и бранеше поранешниот премиер Зоран Заев.

Разлики и сличности на двата разузнавачки случаи во ДКСК (Стојановска и Христовски)

Токму тука е првата разлика со случајот со друг функционер во друга тајна служба, за кого исто така расправаше Антикорупциска по предметот воден од Цвета Ристовска. На тој документ има само еден потпис. Антикорупциска има објаснување за ова нелогичност и уникатност во одлуката за директорот на АНБ, Бојан Христовски, КОЈА ОСВЕН Ристовска и Димитровска не е потпишана од никој друг.

Одговор на ДКСК:

Oдлуките ги носи ДКСК како колективен орган, односно членовите и претседателот,  избрани од Собранието на РСМ. Нивна е одговорноста. Улогата на Секретаријатот на нашата институција е да даде административно и стручна поддршка на Комисијата.

За Христовски имаше јавна седница, но за Стојановска беше зад затворени врати. Втората разлика е поради доверливи документи кои ги праќала агенцијата за разузнавање. Третата разлика е како биле разгледувани предметите, оној за Христовски и условите за негово именување бил предмет за судир на интереси- што исто така е уникатно. Предметот за Стојановска и условите за нејзино именување се разгледувани како предмет за корупција. И за ова, ДКСК има објаснување и тврди дека така им стигнале пријавите од анонимни пријавувачи.

Членот Ристовска го водеше предметот за Христовски иако тој има диплома за завршен економски факултет на Универзитет за менаџмент и туризам во Скопје, каде пак таа била гостин предавач, по предмет ревизија. Иако повеќе од една година, Ристовска е член на ДКСК и нема право да работи на друго место- нејзината слика и натаму стои на сајтот на Универзитетот. Но, дополнително врз основа на документите објавени јавно, се гледа уште нешто.

Иста година Ристовска добила одличен 5 од студентите за предмет „ревизија“, а Христовски завршил III година кога се учи и полага ревизија

Дека Ристовска во 2022-ра година од студентите на УТМС добила одлична оценка како професорка по предмет ревизија. А во документите на просветниот инспекторат кои се доставени до ДКСК и до Цвета Ристовска пак е наведено дека Бојан Христовски ги дал испитите од трета година истата 2022-ра година. А предметот ревизија, студентите го учат во трета година.

Ниту просветниот инспекторат ниту ДКСК не ги вкрстиле овие податоци, но и натаму стојат на ставот дека Ристовска немала судир на интереси во случајот. Прашавме зошто просветниот инспекторат правел однапред инспекција пред тоа да го побараат антикорупционерите. ДКСК барала инспекција на 6-ти декември лани, но таа претходниот ден, 5-ти декември, веќе била завршена со потпишан записник. Прашавме и дали има инспекциска проверка кога Ристовска била гостин предавач на факултетот.

Одговор на ДКСК:

Просветниот инспекторат има направено вонредна инспекција која временски се совпаѓа со доставеното барање по отворениот предмет од страна на ДКСК, по што е доставен записник со одговори по барањата на ДКСК. Во однос на членот на ДКСК, Цвета Ристовска Ве информираме дека нејзиниот ангажман во минатото како гостин предавач на Универзитетот никогаш не бил предмет на постапка за да се проверува од одредена институција.

Одлуката за Христовски била донесена по прибирање на податоци од три институции, АНБ, Влада и просветен инспекторат.

Поради обврски, претседателката на ДКСК Димитровска не можеше да даде изјава за КОД. Прашањата се однесуваа и на начинот како се одлучува во вакви предмети за функционери.

Миомир Серафиновиќ

Прилогот е емитуван во КОД на 02.03.2025.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Изборот беше тежок поради квалитетот на кандидатите, тврди претседателката Силјановска за предлогот, Славески да биде нов гувернер

Дејан Дејан

Претседателката го предложи претседавачот Славески за гувернер на Народната банка

Дејан Дејан

Мицковски: Нека постапуваат надлежните за градбата во Прилеп

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе