Вести Македонија

И асистент на факултет за безбедност е искуство во областа на безбедноста- Кабинетот на Силјановска со толкување за заменик директорката во разузнавање  

Од кабинетот на претседателката Гордана Силјановска Давкова стигна одговор со толкување дека актуелната заменик директорка на Агенцијата за разузнавање ги исполнувала условите за да биде назначена за таа функција , лани во јуни. Во стажот и работното иксуство во областа на безбедноста, кабинетот на Силјановска вели дека треба да се пресмета и нејзиното работење на факултетот за детективи и безбедност на Американскиот Универзитет на ФОН во Скопје.

-М-р Ивана Стојановска била поставена на раководна позиција од претходниот директор на Агенцијата за разузнавање, не само заради нејзиниот профил на извонредна студентка, која дипломирала на Електротехничкиот факултет при УКИМ на насоката Компјутерска техника, информатика и автоматика со просечна оценка 8.72 и завршила постдипломски студии со 9.90, туку и заради нејзиниот ангажман во периодот од 2007 до 2014 како асистентка по Информациско комуникациски технологии и специфичните предмети на Факултетот за детективи и безбедност, што е релевантно работно искуство од областа на безбедноста и надворешната политика, стои во одговорот на кабинетот на претседателката.

Прашањето беа упатени за потребите на КОД при подготовка на истражување за постапките кои се отворени за Стојановска во Антикорупциска комисија и во Обвинителството. Емисијата КОД беше прикажана на Телма на 02.03.2025.

Во прилогот беше посочено дека ДКСК ја запре постапката и ја префрли во Обвинителството каде има предмет за случајот. Но, остана спорно зошто ДКСК не одлучила дали Стојановска ги исполнува условите за назначување бидејќи обвинителството е надлежно само за гонење на кривични дела, а неисполнување на услови за функција не е такво кривично дело. Во обвинителството водат постапка за истражување дали документите биле фалсификувани.

Стојановска беше назначена лани на крајот на јуни. Претходно 8 години работела во Агенцијата за разузнавање, а се вработила во 2016-та година. Пред тоа била асистент по повеќе информатички предмети на факултетот за детективи и безбедност, како и на други факултети на Американскиот Универзитет на ФОН во Скопје. Законот налага 10 години искуство во областа на безбедноста, одбраната или надворешната политика, а од кабинетот на Силјановска сметаат и дека асистентската позиција и предавање на студенти за детективи и безбедност значи искуство во безбедност.

-Во современиот свет на техничко-технолошкиот развој, комуникациите, комуникациските и информатички технологии се релевантни за сајбер безбедноста и разузнавачки активности итн. Значи, работното искуство како асистент, надвор од Агенцијата, е целосно релевантно за исполнување на законскиот услов, стои во одговорот.

-Законот не го ограничува кандидатот во поглед на академското искуство, ниту пак бара само работно искуство во институции поврзани со безбедноста, одбраната или надворешната политика, туку бара работно искуство од ОБЛАСТА на безбедноста, одбраната или надворешната политика. Впрочем, Факултетите за безбедност и политички науки обучуваат кадри за институции што работат во безбедносниот сектор, стои во одговорот со законското толкување кое го добивме од кабинетот на претседателката.

Поради коефициентите за одговорноста и ризиците на работната позиција, месечната плата на Стојановска како заменик директор во Агенцијата за разузнавање изнесува над 155 илјади денари односно околу 2.500 евра месечно. Податокот го навела самата Стојановска во својот анкетен лист за имотна состојба и интереси доставен до Антикорупциската комисија.

Доколку се утврди дека не ги исполнувала условите кога е назначена тогаш разликата меѓу нејзината претходна и сегашна заменичка плата може да се смета за штета врз буџетот, но Антикорупциска го затвори односно за запре постапката за случајот.

Миомир Серафиновиќ

КОД: Стажот на заменик директорката во разузнавање нема кој да го измери за да се утврди дали ги исполнила законските услови и добила позиција со плата од 2.500 евра

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Израелски полицаец фрли шок бомба во автомобил со Палестинци и ја блокираше вратата на возачот

Sasko Dimovski

Деветмина управувале со пловни објекти низ Охридско Езеро пијани, а кај секое второ пловило се утврдени пропусти во безбедноста

Дејан Дејан

ВМРО-ДПМНЕ: Студенти во август и во септември ќе се вклучат во работата на општините

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе