Денес завршува „новогодишната кошничка“ – акција креирана со договор меѓу Владата трговците, дистрибутерите и производителите во која над илјада производи се продаваа за 10 отсто поевтино. Од утре трговците повторно ќе можат според своите проценки и желби за профит да ги креираат цените на основните продукти без кои граѓаните не можат и се неопходни за нормален живот.
Додека се прават пресметките за тоа колку потрошувачите заштедиле министерството за економија и труд ја прогласи акцијата успешна бидејќи статистика пресмета 0,3 проценти намалување на трошоците за живот. Од министерството се на став дека акцијата спречила раст на цените и ја одржала инфлацијата стабилна и им се заблагодарија на трговците.
Податоците на статистика покажуваат дека во декември 2024 година во однос на ноември 2024 година намалувањето на трошоците за живот кај храна и безалкохолни пијалаци изнесува -0,3%. Ова покажува дека Новогодишната кошница каде што беа вклучени во најголем дел прехранбени и безалкохолни пијалаци го дала својот ефект и цените на храната и пијалаците во декември 2024 година бележат намалување во однос на ноември 2024 година. Се очекува и во статистичките податоци за месец јануари во однос на декември 2024 година, да се потврдат ефектите од новогодишната кошница, односно да се оствари дополнително намалување на трошоците за живот кај храна и безалкохолни пијалаци, велат од министерството за труд и социјална политика.
Граѓаните сметаат дека резултатите требало да бидат подобри.
Од Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) сметаат дека овие акции и мерки имаат некаков ефект но во иднина мора да се има пристап врз основа на покажаните резултати.
Со оглед на фактот што станува збор за акција а не владина мерка со одлука трговците беа амнестирани од одговорност и тоа вешто го искористија зголемувајќи ги цените на огромен дел од производите кои не беа опфатени со кошничката. Реагираа граѓаните, реагираше и премиерот Мицкоски, Пазарната инспекција излезе на терен па трговците мораа да ги коригираат цените.
Новогодишната кошничка содржеше 1.178 производи од 96 производители и дистрибутери кои можеа да се купат во 762 продажни места и се вклучија 51 маркет.
Огнен Чанчаревиќ