Пред жолтата лента камерите на медиумите, а зад неа камерите од домот на Раде Трајковски – Штекли.
Внатре во куќата увидните екипи, криминалистичка техника и обвинител. Нешто пред 9 и 30 часот наутро, во дворот била фрлена експлозивна направа. На лице место не се гледа дека експлозивот сериозно го оштетил објектот.
Но, експлозијата во населбата Ќерамидница била толку силна што луѓе од околината, случајните минувачи, а и оние коишто работат во близина, мислеле дека се случило нешто во Топланата.
Веднаш потоа, сирените на полицијата и Брзата помош беа најгласни.
Од Јавното обвинителство доцна попладнето се огласија со соопштение за случајот.
„Се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат одредени сознанија, а по наредба на јавен обвинител се обезбедуваат снимки од видео надзор на објекти. Подигнатите траги од лице место ќе бидат предмет на вештачење“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.
Раде Трајковски – Штекли е пренесен во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“. Докторите информираат дека е во стабилна состојба, со изгореници по телото, но надвор од животна опасност.
Случајот го потврдија од МВР, министерот Тошковски одговараше на новинарски прашања и најави борба со организираниот криминал.
Лошо е што криминалните банди си „хараат“ и денес. Но, соодветно, одлучно и сурово ние како институција ќе одговориме на сите овие коишто го реметат мирот на македонските граѓани. Информациите коишто ги добив до десет часот говорат дека лицето не е во животозагрозувачка состојба и дека се постапува од страна на службите во рамки на Министерството за внатрешни работи. Тоа е тоа што можам да го изнесам во јавноста, во овој момент, вели Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.
Тошковски беше критикуван од опозициската СДСМ, од каде што велат дека бомбите и криминалните пресметки станаа секојдневие, а улиците се небезбедни.
Денешниот случај е трет обид за ликвидација на Раде Трајковски – Штекли. Минатата година, во временски период од два месеци тој беше мета на напади во трговски центар, при што беше и сериозно повреден со повеќе куршуми.
Се очекуваат информации од органите на прогонот, за релациите помеѓу неколкуте групи од подземјето и начинот на кој името на повредениот се поврзува со нив.
Петар Догов