(ФОТО од видео, момент кога двајца обезбедувачи удираат во 20-годишна девојка) Расекотини по устата и шиена глава се последиците по дваесет годишни момче и девојка од Скопје откако физички биле нападнати од обезбедување на дискотека во центарот на главниот град во четвртокот навечер.
На видеото кое го доби Телма се гледа дел од пресметката во моментот кога двајца обезбедувачи удираат девојка. Таа се движи кон момче од нејзината придружба затоа што било нападнато и удирано на земја од обезбедувачите на ноќниот клуб во близина на Клиничкиот центар.
Родителите загрижени, чувствуваат страв и бараат одговорност за случајот. Велат дека нивните деца без причина биле нападнати од лицата кои ја обезбедувале дискотеката.
-Децата чекале пред дискотеката. Откако разговарале со хостесата биле нападнати по што обезбедувањето го нокаутирал дечкото. Од внатре излегле уште двајца кои продолжиле да ги тепаат. Продолжиле и по другарите кои се обиделе да ги одбранат. На прашањето зошто ги тепаат тие немаа никаков одговор, изјави за Телма, мајка која поради сопствената безбедност и безбедноста на нападнатите сакаше да остане анонимна.
Мајката со која контактираше Телма вели дека нејзината ќерка имала расечена усна и повреда на лицето додека момчето кое било со неа имало повреди на главата поради што лекарите му ги шиеле повредите.
Случајот е пријавен и во МВР по што преземаат мерки за негово расчистување.
-Пред угостителски објект на подрачјето на Центар М.М. и М.С. биле физички нападнати од едно лице, а Н.Ч. бил физички нападнат од две лица. одговорија од МВР.
Родителите велат дека е направен полициски записник и земени се само изјави од повредените но не и од тепачите. Инцидентот се случил доцна синоќа , а нивните најблиски бараат одговорност и брза истрага.
Симона Петровска
View this post on Instagram