Декларацијата дека има бугарска национална свест и потекло која актуелната министерка за енергетика Сања Божиновска ја потпишала со цел да добие бугарски пасош излезе на површина. Декларацијата, која ја објави бугарската новинска агенција БГНЕС е од 21 октомври 2004 година.
„Изјавувам дека имам бугарска национална свест и сум со бугарско потекло исто како татко ми Перо Божиновски, родум од Куманово и мајка ми Виолета Божиновска, родум од Скопје, држава Македонија кои се Бугари“, е наведено во декларацијата.
Божиновска потпишала и дека е свесна за одговорноста од невистинити изјави согласно бугарските закони.
Пратеникот на СДСМ Оливер Спасовски денеска изјави дека нема против некој да се изјаснува со бугарска самосвест, но ја праша Владата дали при формирањето биле информирани за Божиновска.
„Доколку бевте информирани и доколку она што сега во јавноста кружи сакам да ве прашам дали ќе се побара одговорност заради таквиот пристап кон јавноста од министерката Сања Божиновска“, рече Спасовски.
Премиерот Христијан Мицкоски му одговори дека е привилегија што Божиновска е дел од Владата и не штедеше пофални зборови за нејзината стручност и дека сега се измислуваат приказни кои немаат никаква врска со тоа што го работи.
„Јас ви кажувам и ви гарантирам и потпишувам, вие запишете дека Сања Божиновска е многу поголема Македонка од вас сите заедно. Многу поголема Македонка еве запишете го тоа“, порача Мицкоски.
Пред еден месец Божиновска на прашање за тоа дали има се уште бугарска „самосвест“ изјави дека мора да се консултира со адвокатите кои ја воделе процедурата, која била многу одамна. Тогаш кажа и дека освен македонскиот има и чешки пасош.
Кон средината на месецов порача и дека „ниту еден граѓанин на Македонија, кој се стекнал со бугарско државјанство, не се чувствува како Бугарин“, туку тоа се правело од економски причини. Постапката ја оцени како „измама со документи воведена од бугарската држава“. Инаку источниот сосед пред точно две децении се уште не беше дел од ЕУ.
Марија Митевска
