Израел продолжи со бомбардирањето позиции на Хезболах во Либан, додека неговите војници се судираат со борци на либанската организација во близина на границата. Во текот на ноќта, Израел за прв пат бомбардираше во централниот дел на либанската престолнина, таргетирајќи зграда во која живеел поранешен пратеник од редовите на Хезболах, во која имало и како медицински центар поврзан со организацијата. Либанските власти обвинија дека во нападот, во дел од престолнината во кој живеат претежно христијани, загинале 9 лица.
„Очигледно е дека ова е амбулантски центар, со возила на Брзата помош и доброволци спасувачи. Јасно е за што служи. Но, одеднаш, во текот на ноќта при бомбардирањето на престолнината Бејрут, овој центар беше погоден од ракета и загинаа 7 спасувачи“ изјави болничарот Камал Сафван.
Хезболах тврди дека неговите борци го запреле напредокот на израелската армија на јужната граница, нанесувајќи им загуби. Израелските одбранбени сили не го коментираа тоа, но соопштија дека утринава пресретнале 25 ракети од либанска страна и две беспилотни летала. Хути бунтовниците од Јемен исто така се пофалија дека извршиле успешни напади со беспилотни летала врз цели во Тел Авив, но нема потврда за тоа.
„Продолжувајќи на патот кон победата против опресијата на Палестинците и Либанците и во поддршка на палестинскиот и либанскиот отпор, воздухопловството на јеменските вооружени сили спроведоа воена операција со повеќе дронови врз витални цели во областа Јафа, Тел Авив и окупираната Палестина. Операцијата успешно ги оствари своите цели“ изјави Бригаден Генерал Јахја Сари – Портпарол на Хути армијата.
Во меѓувреме, Израел објави предупредување до Либанците кои ги напуштиле своите домови во јужниот дел на земјата, да не се враќаат, потврдувајќи дека воздушните напади ќе продолжат. Вчера, израелската армија потврди дека од утринските часови во понеделникот, кога започна копнената операција во Либан, загинале 8 војници.
Игор Трајков
