Центарот за современи уметности од Скопје започна серија урбани акции, чија цел е да се предупредат граѓаните за постоењето на лажните вести . Од Центарот велат дека акциите се наменети особено за возрасните над 60- годишна возраст, кои немаат критички однос кон денешното дневно информирање зашто растеле во време , во кое информациите што ги добивале, биле базирани на факти. А, првата акција против дезинформациите , насловена „ Патот до вистината“ преку инсталација во јавен простор, ја реализира младиот скулптор Андреј Миневски.
Велосипед со два волани, направен од метал кој треба да искачи патека, на која има пречки од лажни вести. Вака изгледа инсталацијата „ Патот до вистината“ , од младиот скулптор Андреј Миневски, која викендов беше поставена во центарот на Скопје. Таа е прва од неколкуте планирани уметнички акции, со кои Центарот за современи уметнисти летово се вклучи во борбата против лажните вести и дезинформациите.
- Практично го искомбиниравме заедно со Андреј, да преку тој велосипед кој што се качува, меѓутоа тој велосипед има два волани, спротивно свртени. Едниот влече надолу, едниот влече кон вистината, што практично , на некој начин, сакавме преку тој уметнички момент да проговориме за проблемот на лажните вести и нивното присуство . Меѓутоа и за сите негативни последици кои што доаѓаат од лажните вести, вели Никола Писарев од Центарот за современи уметности – Скопје.
Негирање на климатските промени и глобалното затоплување, антиваксерските теории на заговор или „ откритието“ дека Земјата е плоча, се само дел од лажните вести со кои се соочуваат граѓаните, денес , вели Писарев. Според него, акцијата е наменета особено за повозрасните граѓани на 60 и повеќе години. За разлика од младите кои денес следат сѐ на социјалните мрежи и знаат да оценат што е лага, а што вистина, возрасните немаат критички однос кон информациите до кои доаѓаат на Интернет.
- Од луѓето со кои сме имале прилика да зборуваме, поготово таа позрела популација на 60, 65+, 70+ години, кои што живееле во едно друго време кога немало дезинформации. Не постоеле, значи сето она што било, дали е весник, дали е телевизија, дали е радио, тоа е тоа. Тоа биле факти. И тие го земале тоа здраво за готово. Денес таа генерација особено е ранлива на дезинформации, вели Писарев.
Покрај скулпторот Миневски, за акциите против лажните вести, ЦСУ ќе ангажира и други млади уметници за да го афирмира нивното творештво. За овие акции Центарот доби поддршка од Програмата за дигитален активизам на мрежата TechSoup Global.
Сотир Трајков