Код Македонија Топ вести

КОД: Почнува судењето за убиството на Вања и на Панче, прв „пропеал“ Кешишев

Што има во обвинението за свирепите убиства на 14 годишната Вања Ѓорчевска и на 74 годишниот Панче Жежовски. Судењето за соизвршителите на грозоморните дела започнува на 30 јули. Обвинението сега фрла светло на поединечната улога во грабнувањето кое ја имале соизвршителите.

Триесетти јули. Вторник. Судница 23. По осум месеци од свирепите убиства на 14 годишната Вања Ѓорчевска и на 74 годишниот Панче Жежовски во Кривичниот суд ќе започне судскиот процес за случајот кој ја потресе и шокираше јавноста.

На обвинителна клупа ќе седнат Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов. Се товарат дека биле соизвршители во грабнувањата и убиствата. Обвинет е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, дека помогнал во грабнувањето на неговата ќерка.

Ќе се соочат со доказите на обвинителството, а извесно е дека за Видевски, Манев и Кешишов  ќе се бара највисока казна- доживотен затвор. За Ѓорчевски пак запретената казна затвор е максимум 10 години.

Целта, според обвинението, им била да присилат член на потесното семејство на Вања да даде парични средства за откуп.

Правдата ќе ја дели судијата Ивица Стефановски. Работел на многу високо профилни случаи.  Има искуство и со изрекувањето на највисока казна во случајот „Монструм“.

А доказите ги има многу, според обвинението до кое дојде КОД. Испишани на 10 страници, но деталите од записниците, претресите, наодите, вештачењата се далеку побројни.

На три станици се опишани дејствијата кои резултирале со грозоморните дела на 27 ноември и на 22 ноември, минатата година, кога беа извршени злосторствата врз Вања и Панче.

Што содржи обвинителниот акт

КОД неколку пати направи реконструкција на грабнувањето на Вања од нејзиниот дом во Дебар маало. Обвинението сега фрла светло на поединечната улога во грабнувањето кое ја имале соизвршителите.

Но, она што го нема во обвинението, а според сознанијата на КОД, претходело на кобниот ден на 27 ноември, минатата година, е средбата во седиштето на партијата „Десна“, каде се договарале деталите.

Тогаш Видевски, Манев и Кешишов, според нивните сведочења,  го слушнале Љупчо Палевски Палчо како на телефон разговора со Ѓорчевски за тоа кога неговата ќерка наредниот ден ќе тргне на училиште и дека ќе биде сама. Откако во петокот на 24 ноември иако планирале, не успеале во својата намера во понеделник го грабнале девојчето.

Манев е тој што во околниот трговски центар ги купил вреќата за спиење, селотејпот и останатите работи употребени во грабнувањето на девојчето.

Тој ден уште пред воопшто Вања да биде грабната ја ископале дупката во близина на селото Бразда каде наредниот ден ќе биде убиена и закопана. Обвинителството има и сведок, кој во тој момент воопшто и не бил свесен за што таа дупка ќе биде искористена.

Кешишев бил тој што во Циторенот чекал и внимавал да не наиде некој. Манев со штрафцигер ја отворил влезната врата на зградата на Наум Наумовски Борче. Видевски ја носел вреќата за спиење.

„Влегле внатре, застанале кај сутеренот што води кон подрумите, го чекале детето, па кога оштетеното дете Вања Ѓорчевска излегло од лифтот, обвинетиот Боре Видевски ја фатил за половината и за устата, обвинетиот Велибор Манев ја држел за нозете, ја однеле до сутеренот, каде обвинетиот Велибор Манев и ставил селотејп трака на устата, обвинетиот Боре Видевски и се заканил да не вика, инаку ќе пукаат, ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент“, се наведува во обвинителниот акт. 

Уште еднаш двајцата и се заканиле да не вика за да не употребат сила и потоа ја изнеле надвор од зградата и ај ставиле во гепекот на возилото.  Манев е тој кој што го возел Цитроенот, а Видевски по пат го скршиле телефонот на Вања од марката Ајфон со чеканче за да нема сигнал. По претходни инструкции од Палевски тргнале да возат кон Качанички пат, а кај надвозникот кај село Визбегово се сретнале со белото Рено Канго.

„Во близина на местото викано „Дупки“ во атарот на село Бразда двете возила застанале и таму обвинетите Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев околу 9:30 часот со учество во дејствие на извршување и со друг особен придонес кон извршување на делото на свиреп начин со умисла го лишиле од живот малолетното лице- оштетеното дете Вања Ѓорчевска на начин што, изложувајќи ја на тешко психичко страдање со силен интензитет, во врзана состојба и онеспособена за отпор и било предочено дека ќе биде убиена“, е напишано во обвинителниот акт. 

Палевски и нанел огнострелна повреда со истрел од пиштол со калибар 9 милиметри и потоа го закопале телото. Камерата на КОД беше сведок на местото каде била закопана Вања. Дека дупката била претходно ископана беше наведено и во соопштението на обвинителството, кога на 31 мај го поднесоа обвинението до Кривичниот суд.

Потоа  се упатиле кон нивата каде го запалиле Циторенот со претходно купениот бензин во туба и заминале со реното.

Циторенот ќе биде клучен за да се поврзат двете убиства. Жежовски ќе биде грабнат со цел да го присилат да даде сопственото возило за да се искористи за грабнувањето на Вања. Обвинетите со реното дошле во близина на неговиот дом. Кешишов повторно останал да чека на паркингот кај пругата и да внимава да не наиде некој. Палевски, Манев и Видевски отишле до куќата на Жежовски.

Обвинетиот Боре Видевски заѕвонил на вратата, по што оштетениот отворил, обвинетиот Боре Видевски го турнал на земја, му ја фатил устата за да не вика, обвинетиот Велибор Манев му ги врзал рацете на оштетениот со јаже додека лежел на грб, двајцата обвинети го ставиле во церада од возилото која била во близина на вратата, го однеле до возилото Циторен“, се наведува во
обвинителниот акт.

За тоа време Палевски, влегол во куќата го зел мобилниот телефон на Жежовски и клучевите од Цитроенот. Телефонот по пат завршил во дол,  а во местото „Рудник“ во околината на Велес на Жежовски ќе му биде предочено дека ќе биде убиен, при што Палевски околу 10 часот со пиштол калибар 9 мм, ќе му го одзеде животот.

„Потоа обвинетиот Љупчо Палевски фаќајќи го во делот кај нозете, го турнал телото на оштетениот во ископаната дупка, која ја затвориле и покриле, по што обвинетите заминале со двете возила“, пишува во обвинителниот акт. 

Циторенот ќе биде клучен за да се поврзат двете убиства. Но, реното, според сознанијата на КОД, ќе биде возилото кое ќе ја однесе полицијата до обвинетите. Полицијата откако ќе дознае дека е дадено на употреба на „Десна“ во седиштето на партијата ќе го начека Кешишев, кој таму живеел. Прв ќе признае се и ќе и ги открие на полицијата до другите. Видевски и Манев исто така ќе признаат вина и така полицијата ќе дојде и до телата на жртвите. Видевски подоцна ќе се премисли и ќе тврди дека е невин. Но, токму неговата ДНК е пронајдена и директно го поврзува со грабнувањето на Вања.

Невин од самиот почеток тврди дека е и Ѓорчевски, а неговата одбрана дека нема докази за делото. Ист е случајот и со Палевски. Јавноста тоа можеше да го слушне и од него кога по екстрадицијата беше донесен во Кривичниот суд да се произнесе за околности за неговиот притвор. Порача и дека нема да се брани со молчење и дека не побегнал од органите на прогон.

Палевски тврди дека е гонет заради претходни непријателства и политички недоразбирања со определени претставници од власта. На македонско тло стапна во средината на мај, а истрагата против него може да трае максимум 6 месеци.

Палевски, според сознанијата на КОД, со себе носел прислушувани разговори со кои планирал да се пазари во замена за неговата слобода. Имал обид и пред свирепите убиства да ги продаде материјалите со цел да заработи.  Но, безуспешно. Материјалите сега се во обвинителството каде продолжува и истрагата за Стефан Димковски, кој е осомничен дека му помогнал на Палевски да избега во Баликесир.

Обвинение против Палевски ќе биде поднесено посебно, а постапката веројатно ќе се спои во текот на судењето. Она што останува неизвесно е дали судењето ќе даде одговор на прашањето зошто Вања само по два часа од нејзиното грабнување е убиена, без притоа да се реализира и мотивот за нејзиното грабнување, односно стекнување на имотна корист.

Марија Митевска

 

 

 

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Воз излетал од шините: Железничката линија Скопје-Солун нема да функционира

Дејан Дејан

Анализите на Фајнанс Тинк покажале дека замрзнување на маржите даваат краткорочен, но не ѝ долгорочен ефект

Дејан Дејан

Според Битиќи замрзнување на маржите од страна на ВМРО-ДПМНЕ е ситуација на „мора да има“ односно „панична реакција“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе