Бизнисмен близок до ВМРО-ДПМНЕ го започна проектот пред повеќе од 10 години, инвестициски фонд кој му ги продаде своите соларни и ветерни електрани на Блискиот Исток на кинески фонд, ќе ја гради најголемата ветерна електрана во земјава.
Ветерниот парк со моќност од 400 мегавати, најголем во регионот, ќе се гради меѓу Радовиш, Штип и Карбинци. Инвестицијата е во вредност од 500 милиони долари. Изградбата на 55-те ветерници треба да почне најдоцна за година и половина, а да заврши до крајот на 2027 година.
Предвидено е ветерниот парк да произведува 1 тераватчас струја годишно, што е околу 20 отсто од годишното производство на струја во земјава.
Со овој проект се зголемува енергетската независност на земјава, порача премиерот Христијан Мицкоски, кој најави големи планови во оваа област.
„Нормално, да не очекуваме чуда преку ноќ, чуда се невозможни, ние не сме чудотворци, но да очекуваме големи промени во следните години кои ќе нè направат енергетски независни. Енергетската транзиција значи процес кој трае со децении, каде се вложува системски, и треба да се има предвид состојбата во која се наоѓа една земја. Зелената транзиција е нешто што ќе продолжи во комбинација со модернизација на досегашното производство. На тој начин системски и плански ќе дојдеме до целта да станеме енергетски независни и од увозник да станеме нето извозник на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Ветерната електрана ќе ја гради Алказар Енерџи, инвестициски фонд од Луксембург. Велат дека парите веќе ги обезбедиле од инвеститори од Северна Америка, Европа, Блискиот Исток и Азија.
Македонија ќе си ја купува струјата. Инвеститорите велат дека нивната струја ќе биде поевтина, зашто ЕУ во 2026 воведува такса на струјата произведена од јаглен.
Проектот за ветерен парк го почна бизнисменот Стефан Пулејковски Штеф, за кој медиумите во изминатите десетина години пишуваа дека е близок до ВМРО-ДПМНЕ. Неговата фирма Виста процесинг го доби тендерот од 3 милиони евра за Националната платежна картичка уште во времето на Љубчо Георгиевски, кога министер беше Никола Груевски, а по една година отиде во стечај. Овој случај немаше правна разврска.
Пулејковски во меѓувреме му го предаде проектот на шпанскиот „Инвал“, па сега доаѓа во рацете на „Алказар Капитал“.
„Секогаш кога Алказар енерџи ќе дојде во некоја земја, како Северна Македонија, Црна Гора, Јордан, Египет, ние имаме локален партнер. Вообичаено локалниот партнер работи на локалниот развој долго време. Мора да ги изброите птиците, да се направи анализа на земјиштето, анализа на различни технологии. Стефан има долга историја во тој проект, а работата на Алказар е да може да ја преземе работата од Стефан и разбира дека сега политичката можност е добра, економскиот контекст е поволен, потребата за струја, не само во Македонија, туку и во Европа е поволна, цената на технологиите е подобрена, и сфаќаме дека можеби сега имаме простор да се спроведе инвестицијата на одржлив начин“, изјави Даниел Калдерон од Алказар енерџи.
Алказар енерџи е најголемиот инвеститор на обновливи извори на енергија во пазарите во развој. Има изградено ветерни и фотоволтаични електрани во Јордан и Египет. Во 2021 година, му ги продаде своите енергетски капацитети на кинески инвестициски фонд. Сега најавува изградба на ветерни централи во Црна Гора и во Македонија.
Срѓан Стојанчов