Македонската филхармонија и годинава под отворено небо. Во тек се последните подготовки за вечерашниот концерт „Одисеја 2024“ со музиката од четири маестрални филмски остварувања на Стенли Кјубрик.
Музиката во филмовите на Стенли Кјубрик има есенцијална улога, важен наратив, рамноправен протагонист во филмското дејство. Вечерашниот концерт посветен на Кјубрик ја разоткрива класичната музика како илустрација во неговите кинематографски ремек дела.
„Стенли Кјубрик имал посебен афинитет кон класичната музика и одлично познавање и знаел точно кое парче да го употреби како илустрација во неговите филмови. Исто така тој е важен, затоа што придонел за популаризација на класиката преку неговите филмови. Типичен пример за тоа е музиката од „Така зборуваше Заратустра“ од Штраус која публиката практично ја препознава од првата сцена во „Одисеја 2001““, изјави Ангелина Димоска, в.д директорка на Филхармонија.
Во рамките на овој концерт под диригентство на маестра Дијана Имери Илкоска ќе бидат изведени музички теми од големите композиторски имиња на класичната музика: Моцарт, Бетовен, Штраус, Росини, Хачатуријан, Хендл, Жозелин Пук и Шостакович, кои ги одбележаа и маестралните филмови: „Пеколен портокал“, „Бери Линдон“ и „Очи широко затворени“.
„Вечерва е посебен концерт за мене, затоа што ќе се прикажуваат музичките теми од најпознатите филмови на еден од моите омилени режисери Стенли Кјубрик, така што едно убаво уметничко заокружено уживање и филмска уметност и музичка уметност во едно убаво спакувано пакетче, така што ми претставува огромна чест што вечерва ќе бидам дел од овој настан. Она што сакам да го најавам е нешто што за првпат ќе прозвучи во Македонија, ќе ја доживее својата премиерна изведба, тоа е делото на Жозелин Пук, музичко парче кое го има во „Очи широко затворени“ нешто што за мене беше посебен предизвик, вклучува снимка која оди на матрица ќе се приклучи на сцената и пејачка, поздрав до неа Елена Васова“, изјави диригентката Дијана Имери Илкоска.
„Се разбира дека овие концерти и за нас се уживање дека се бројна публика, како да свириме на стадион. Доживувањето, енергијата од таа публика е малку поразлична од онаа која што е на нашите концерти и е во тек со светските настани на познатите светски филхармонии како Берлинската филхармонија, Виенската филхармонија, сега и Белградската, така што овој тип на концерти станува традиција во светот воопшто“, изјави Владимир Костов, концертмајстор.
И токму музиката на класичните композитори ги прави филмовите на Кјубрик дотолку повеќе препознатливи, давајќи им посебна драматургија и естетика, велат од Филхармонија. Вечерашниот концерт е инспиран од неговиот филм „2001: Вселенска одисеја“и ја најавува новата концертна сезона на Македонската филхармонија.
Нина Стефанова