Советот за безбедност на Обединетите нации го поддржа планот на американскиот претседател Џо Бајден за постигнување прекин на огнот во Газа со резолуцијата усвоена во Њујорк.
За предлог-резолуцијата гласаа 14 земји-членки, единствено Русија, една од земјите со право на вето, беше воздржана.
Амбасадорката на САД во ОН Линда Томас-Гринфилд изјави дека најмоќното тело на ОН гласало за мир.
Резолуцијата го поддржува планот претставен од претседателот Бајден, кој предвидува прекин на борбите во Појасот Газа во три фази.
Во првата фаза се предвидува целосен и безусловен прекин на огнот за шест недели. Во тој период би била ослободена група заложници. За возврат, ќе бидат ослободени и повеќе Палестинци од израелските затвори.
Во следната фаза борбите би биле трајно прекинати, а останатите заложници би биле ослободени без услови.
Според нацрт-резолуцијата, последната трета фаза би ја опфатила реконструкцијата на Појасот Газа.
Резолуцијата на Советот за безбедност, која е обврзувачка според меѓународното право, изјавува дека Израел го прифатил планот и го повикува Хамас да го стори истото, повикувајќи ги двете страни да го усвојат планот без одлагање и безусловно. Начелно и Хамас соопшти дека ќе работи на планот.
Ова е 11-ти обид од почетокот на војната како Советот за безбедност на ОН гласа за резолуција поврзана со конфликтот. Досега беа усвоени само четири резолуции, но имаше само едно примирје во кое имаше прекин на огнот и размена на заложници и затвореници.