Италијанската премиерка Џорџа Мелони беше меѓу првите Италијанци што денеска гласаа на изборите за пратеници во Европскиот парламент.
Се очекува таа да биде големиот победник на овие избори со јакнење на нејзината екстремно десна партија Браќа на Италија. Нејзината групација во Европскиот параламент Европските конзервативци и реформисти се очекува да освојат повеќе гласови и заедно со крајната десница Идентитет и демократија да го разнишаат досегашниот баланс во Европскиот парламент.
Мелони е една од трите жени заедно со Урсула фон дер Лајен и Марин Ле Пен за кои Економист неодамна напиша дека ќе ја одредат иднината на Унијата во следните пет години. Толку е мандатот на пратениците и на Европската комисија.
Фон дер Лајен бара втор мандат да ја води Комисијата. Таа веќе навести можност да соработува со групацијата не Мелони по завршување на изборите, но ја отфрли можноста да соработува со екстремната десница.
За фон дер Лајен климата останува едно од главните прашања.
Сепак, доколку резултатот од овие избори биде јакнење на десницата, климата сигурно нема да биде во фокусот на вниманието. Анкетите покажуваат дека гласачите ширум Унијата повеќе се засегнати за домашни теми како борбата против сиромаштијата, јавното здравство и економијата. Проширувањето воопшто не е тема на овие избори, барем меѓу гласачите.
Под мотото Искористи го својот глас или други ќе одлучуваат за тебе, Унијата ги повика своите граѓани да излезат на гласање.
На овие европски избори, десетти по ред, во 27-те членки на Унијата учествуваат над 500 листи и повеќе од 15.000 кандидати за пратеници.
Марија Дивитарова
