Во Националната опера и балет вечерва беше отворено 23 издание на фестивалот на светска музика- Оффест. Почетокот на фестивалот го обележа настапот на Бомбино – музичка ѕвезда од африканската држава Нигер, кој за албумот „Деран“ беше номиниран за престижната музичка наградата Греми. Тој очекува силна врска со нашата публика, зашто како што вели, луѓето од Скопје го потсетуваат на неговите претци.
Јас не гледам на мојата гитара како на пиштол, туку како на чекан со чија помош се гради куќа за нас Туарезите. Ова го изjaвила светската музичка ѕвезда од Нигер- Омара Бомбино Моктар, по избувнувањето на бунтот за автономија на Туарезите во 2007 година, при што владата ги забранила гитарите, доживувајќи ги како симбол на бунтовништво.
Токму Бомбино, кој бил номиниран за наградата Греми, за албумот „Деран“, со неговиот состав кој изведува пустински блуз, вечерва го означи почетокот на 23 издание на фестивалот на светска музика ОФФест. Пристигнувајќи во Скопје, каде ќе го претстави материјалот од последниот албум „Саел“, Бомбино за Телма изјави дека нашата средина го потсетува на неговата земја, но и на Тунис и Либија.
Луѓето ме потсетуваат на нашите претци, можеби. Сето ова го кажувам зашто мислам дека ќе има силна врска помеѓу нашата музика и публиката. Музиката нема граници, нема потреба од виза. Нема потреба да познавате некого за да го сакате, зашто музиката ја прави таа врска меѓу луѓето, рече Бомбино моктар.
Од 22 часот фестивалот продолжува со настап на афро- психоделичниот септет Би-Си-Ју-Си (BCUC) од Јужноафриканската Република. А, до 9 јуни кога завршува „ ОФФест“, ќе бидат изведени уште 6 концерти.
На нив ќе се чујат различни музички жанрови , што му припаѓаат на правецот world music. Ќе настапат музичари од Холандија , Етиопија и Франција, Шпанија, Полска и Србија. Македонија ќе ја претстави неофолк групата Калата, која ќе одржи концертна промоција на првиот албум. Програмата е конципирана да го покаже најдоброто од светската музика, велат организаторите.
Концептот е секогаш јасен. Да се избере најдоброто, да не речам елитата од светската музичка сцена , кога станува збор за музиката на светот. И да се направи еден пресек на она што е највредно, најрелевантно и најдобро, рече костадин шубановски.
„ОФФест“ започна и ќе се одржи во Националната опера и балет и во МКЦ. Поради недостатокот на концертна сала и летна сцена во Скопје, Шурбановски апелира надлежните да се ангажираат главниот град поскоро да добие летна сцена, на која изведувачите и публиката ќе се чувствуваат покомотно во топлите летни вечери.
Сотир Трајков
