Имаат нови решенија за пресметки на мартовските плати со 12% зголемување, но веќе осми ден им доцнат. 3.000 вработени во установите од културата ќе се соочат и со недостаток на здравствено осигурување.
Затоа денеска од Синдикатот за култура, подржани од ССМ, пред ресорното министерство го изразија незадоволството поради пробиените рокови за добивање на мартовските плати и агонијата во која се втурнати од почетокот на април, борејќи се да ги добијат повисоките плати што им следуваат, согласно Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура.
Реагираа и од СОНК , дека временото зголемување на платите што го добивале лани од септември до март годинава, било дел од стратегијата на министерството за култура, да не се исплатат платите со 12, туку само со 2, 5 % покачување.
Како министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска на 1 април ветуваше повисоки плати, без да се договори со министерот за финансии Фатмир Бесими?
Ова прашање денеска од пред министерството за култура го поставија од Синдикатот за култура, незадоволни што доцнат платите за март на вработените во установите од културата, кои согласно Општиот колективен и Колективниот договор за култура, со порастот на минималецот треба да бидат за 12% повисоки.
Незадоволството на СКРМ се темели на информацијата од министерката за култура, дека министерот за финансии не се сложил платите на културните работници да се зголемат зашто немало доволно предвидени средства за тоа.
Денеска на 18- ти април плата за месец март се уште нема . Да биде целава ситуација уште потрагична за неколку дена 3000 вработени во културата заедно со нивните семејства ќе останат и без здравствено осигурување. Како министерката за култура на 1-ви април од истото ова место ветуваше покачување на платите за март, ако претходно тоа исто покачување не го договорила со министерот за финансии, за сега кој да биде виновникот за неисплаќање на платите во културата , праша Вера Атанасовска, претседателка на СКРМ.
Атанасовска кажа дека утрово ја контактирала министерката за култура, за да одат заедно денеска на состанок кај министерот за финансии. Потоа, по установите од културата започнале повици од ресорното министерство, со сугестии да се исплатат платите без зголемувањето за 12%.
Претседателката на СКРМ праша, од каде знаат поединци од министерството што ќе се случува на состанокот во Финансии. А, евентуалното враќање на старите плати, без почитување на изготвените нови решенија, ќе значи кршење на законите и колективните договори. На истиот став се од ССМ, чија придружна членка е СКРМ.
Некој мора да одговори во општеството. Не може 3000 луѓе да не добиваат плата поради хировите на одредени политичари. Поради тоа што веројатно си ја мерат силата, кој е појак и кој е поспособен да направи нешто, рече Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
Реагираа и од СОНК. Според претседателот Неделков, за ова што се случува сега , тие стравувале уште лани, кога со септемвриските плати вработените во културата добиле ограничено зголемување со важност до март годинава.
Нашите реакции беа оправдани во однос на тоа што министерството за култура, на чело со министерката за култура имаа план, имаа стратегија, имаа цел , платите на место 12% или 12, 55% да се зголемат само за два и пол проценти, кажа Јаким Неделков, претседател на СОНК.
СОНК тоа не го дозволува, па денеска на вонредна седница на Советот ќе одлучува за протести или генерален штрајкт. Иако министерката за култура синоќа за „Прва ТВ“ кажа дека ќе направат напори вработените во културата да ги добијат ветените плати до петок и дека нема да останат без здравствено осигурување, од СКРМ порачаа дека каков и да е исходот од денешната средба во Финансии, утре ќе протестираат пред министерството за култура.
Сотир Трајков