Вести Култура

Изложба на светски познатата медалистка Надја Розева во Чифте Амам

Во тек се последните подготовки за отворањето на самостојната изложба „Медална скулптура“ на Надја Розева во Чифте амам. Националната галерија утревечер за прв пат ќе ги претстави уметничките медали на светски познатата медалистка Надја Розева. Изложбата е прва од ваков вид во нашата земја и ќе го насочи вниманието на јавноста кон овој жанр на уметничка дисциплина.

Најголемите колекции на медалот како независна уметност се наоѓаат во Британскиот музеј, музејот “Викторија и Алберт”, Музејот на историјата на уметноста, Виена, Националната галерија на уметноста, Вашингтон и многу други.

Сите уметници се во потрага по вистината, но нивниот пристап е индивидуален и нуди мноштво толкувања за теми кои секогаш ќе бидат инспиративни низ вековите до денес, вели светски познатата медалистка Надја Розева чии дела ќе бидат изложени во Чифте амам. Делата на Розева се откупени за постојаните збирки на Британскиот музеј во Лондон, Кралскиот кабинет за монети, Стокхолм, триптихот во музејот Берген на Универзитетот во Берген, во Националната уметничка галерија во Софија и во Музејот на монети и Медали во Кремница, Словачка.

Вечните теми не се многу променети од создавањето на светот. Во сите религии имаме вечни теми, а тоа се создавањето, љубовта, односите меѓу луѓето. Јас исто така црпам инспирација и од античките грчки митови, тие се една вистинска реинтерпретација  на тоа што античките луѓе го замислувале, го набљудувале небото, и сакале и тие на некој начин да испратат порака, рече розева. 

Во рамките на оваа поставка во која се опфатени деведесет дела, за Розева е исклучително важен и еден од архитектонските и културни симболи на Скопје,  Старата пошта, потсетувајќи ја јавноста  за итната потреба од нејзино реставрирање.

Првиот релјеф што го претставувам е архитектурата на поштата, таа е многу карактеристична со главите на жеравите, многу карактеристична и за самиот град Скопје. Вториот релјеф е покривот што изгоре погледнат од внатрешната страна, односно дупките кои ги гледате и во самиот релјеф се изгорените прозорци на куполата, која била толку прекрасна и многу жалам што не успеав да ги видам ниту фреските на Борко Лазески, и воопшто самата зграда која изгледа многу убаво. И третиот релјеф прикажува еден од карактеристичните прозорци на фасадата од таа зграда, кој претставува еден поглед кон иднината. Пораката е дека има нешто што останува, нешто што е направено пред нас и навистина треба да биде зачувано затоа што е прекрасно. Додека пак сликата која е над неа, тоа што го гледате горе е купола што осветлува една заспана фигура, прилично стилизирана, која според мене е исчекување, таа чека да биде разбудена и повторно да заживее, рече розева.

Надја Розева е ученичка на проф. Богомил Николов, кој е почесен доктор на Националната академија на уметности (НХА) во Софија и добитник на најпрестижната светска награда за медални скулптури на Американското нумизматичко здружение „Салтус“.

За време на првиот карантин во времето на епидемијата, Розева напиша сценариo и го продуцираше краткиот документарен филм „Медалот“, кој исто така ќе биде прикажан на изложбата. Филмот има за цел да ја запознае јавноста со уметноста на медалот, што е нејзина мисија во изминатите 20 години.

Нина Стефанова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Вработените во ФЗО на предупредувачки протест – или исполнети барања или генерален штрајк од јуни

Desk

Осигурителните компании не ги вратија старите пониски цени на полисите, на потег е Владата

Дејан Дејан

Создаваме помалку ѓубре од ЕУ, ама не рециклираме

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе