Вести Македонија Топ вести

МВР ги прочистува списоците со термини за фотографирање, а од МНР сѐ уште се чекаат детали за границите преку кои може со стар пасош

МВР ќе ги прочистува списоците со термини на три недели. Сите коишто имаат термини кон крајот на годината, ќе бидат повикани порано.

Министерот за внатрешни работи, Тошковски, во интервју за МИА информира дека службите првично направиле пресек од месец мај.

Сите коишто добиле термин од мај па сѐ до декември, се повикуваат порано за фотографирање.

Дополнително, Тошковски посочи дека целта на МВР е да се стигне до максимална бројка од 3.300 произведени пасоши на ден – почнувајќи од 6 наутро, па до 22 часот навечер.

„Отприлика на дваесет дена ќе ги прочистуваме списоците. Тоа се однесува на сите оние луѓе коишто закажале термин и тој термин го имаат претходно, кога во редовна постапка беа закажувани термините заклучно со средината на декември. Сите тие се контактирани од службите и добиваат термин многу порано. 135.000 луѓе ќе бидат презакажани заклучно со крај на април“ вели министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Во меѓувреме, нова пратка со обрасци се очекува во јуни. Тогаш ќе пристигнат 300.000 обрасци за пасоши и со тоа, до септември ќе се издадат околу 1.900.000 пасоши, вели вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.

Во вчерашната Топ Тема на Телма, првиот вицепремиер истакна дека ние никого не сме известиле дека нашите патни исправи не важат, туку едноставно стапиле на сила роковите од Преспанскиот договор.

„Знаете дека со Преспанскиот договор којшто сме го спровеле со уставен закон има јасни рокови, особено за патните исправи. И знаете дека од првиот ден кога тој беше ратификуван, како компромис за патните исправи или за да не пополнуваме понижувачко ливче, го имаше печатот. Сакам да кажам дека овој проблем не е од сега. Сега дојдовме до 1.300.000 издадени пасоши. Има доволно обрасци за секојдневно без застој да се печатат и проблемот до јуни ќе биде решен 90%, а до септември 100%“ кажа првиот вицепремиер задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ.

Францускиот амбасадор порача дека Преспанскиот договор создава обврски од областа на меѓународното право.

Но, правото на слобода на движењето е друго право кое треба да биде почитувано.

Државите од Шенген-зоната самите одлучуваат како ќе се спроведува регулативата, а не институциите на Европската унија.

„Треба да имаме одредени принципи на ум. На македонските граѓани, но и на сите други граѓани во светот не можете да им забраните да се вратат на својата територија, односно во матичната земја. Тоа е една работа. Но, потоа за да се излезе од територијата потешкотија е доколку граѓанинот не поседува нова патна исправа или нова лична карта, па ќе биде спречен да ја напушти матичната земја“ вели Сирил Бомгартнер, амбасадор на Франција.

Досега, Македонија добила официјално известување само од Швајцарија, дека дозволува движење со важечки пасош, кој е со старото уставно име на државата.

Од Босна и Херцеговина испратиле официјален допис дека не го признаваат пасошот без „Северна“. Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Бојмацалиев, денес информираше дека остварил разговор со министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Нешиќ, договориле македонските граѓани да може да патуваат таму со лична карта, со старото уставно име.

Македонски државјани кои патувале во Хрватска велат дека немале никакви проблеми на граница, иако со стари документи.

Телма за ова се обрати до Министерството за надворешни работи, но оттаму нема никаков одговор.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ФОТО: Силјановска го доби официјалното уверение дека е 6-ти претседател на својот роденден

Дејан Дејан

Се утврдуваат фактите и околностите под кои во полицијата починал Д.Д. осомничен за случајот со Данка И.

Дејан Дејан

Априлската инфлација во Албанија 2,1 отсто и понатаму најниска во регионот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе