Спорт Формула 1

Хамилтон: Сакам да си го остварам детскиот сон – да возам за Ферари

Луис Хамилтон денеска прв пат јавно проговори за идниот трансфер во редовите на Ферари. Седумкратниот светски првак на социјалната мрежа „Екс“ напиша дека со преминот во редовите на италијанскиот тим следната година ќе си го оствари детскиот сон.

Хамилтон по завршувањето на 2024 година ќе се раздели со Мерцедес, тим за кој вози од 2013 година и освои шест од своите седум шампионски титули во Формула 1. Британецот реши предвреме да го прекине договорот со германскиот тим, што го потпиша изминатото лето, а беше со важност за сезоните 2024 и 2025 година. Пилотот истакна дека ова му била најтешката одлука во животот.

„Се чувствувам неверојатно среќен, што со Мерцедес ги остварив работите за кои можев само да сонувам како дете, сега имам нова шанса да остварам уште еден детски сон, а тоа е да возам за Ферари“, напиша Хамилтон.

Поранешниот светски шампион вели дека сега исклучиво се фокусира на претстојната последна сезона во болидот на Мерцедес и се надева дека ќе си замине на високо ниво. Хамилтон нема победено во Ф1 уште од саудиското гран при во 2021 година. Во 2022 година заврши шести во генералниот поредок, а лани беше трет. Изминативе две сезони Ред Бул го презеде приматот на најдоминатниот тим во Формула 1 на чело со Макс Ферстапен. Хамилтон се надева дека ќе успее да ги врати славните години во Маранело, бидејќи Ферари нема освоено шампионска титула од 2007 година, кога славеше Кими Раиконен.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ФОТО галерија: Вардар повторно подобар од Алкалоид, остана во трката титулата

Дејан Дејан

Одбојкарите во Струмица ги стартуваа подготовките за Златната лига и евроквалификациите

Desk

Лунин останува во Реал Мадрид до 2028 година

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе