Околу две илјади евра плус камата, ќе треба да му исплати пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО ДПМНЕ, на колегата од СДСМ, Мартин Костовски, за душевна болка предизвикана од навреда искажана од собраниската говорница. Судијата Неџат Мемети од кумановскиот Основен суд, го осуди пратеникот без да му биде одземен пратеничкиот имунитет. Во пресудата не стои по кој член и закон е осуден Петрушевски, кој реагира дека имунитетот му е загарантиран со Устав, Закон за пратеници и Закон за граѓанска одговорност за клевета и навреда.
Во член 16 од Закон за пратеници стои дека, пратеникот не може да биде повикан на кривична или друга одговорност или да биде притворен за искажано мислење или гласање на седниците на Собранието или на неговите работни тела. Во закон за граѓанска одговорност за клевета и навреда, има дел во кој се наведени исклучоци од одговорност и во него стои дека, „нема одговорност за навреда, ако: изјавата е дадена во работата на Собранието, на советите на општините и градот Скопје, во управна или судска постапка или пред Народниот правобранител, освен ако тужителот докаже дека е дадена злонамерно.„Законот е донесен од актуелната влада, затоа и Петрушевски се сомнева дека овде не се работи за непознавање на материјата од страна на Костовски кој е и правник, туку за тенденциозност.
Пратеникот Костовски не сакаше да коментира ништо околу пратеничкиот имунитет и најави дека и понатаму ќе ги тужи сите што ќе го навредат јавно
Петрушевски е осуден затоа што од говорницата го обвинува Костовски дека зел канадски пасош за да се спаси од затвор, по објавувањето на закон без потпис и указ од претседателот на државата. Рекол и дека, за да гласа за францускиот предлог, Бујар Османи ја вработил жена му во МНР, како и дека ќе треба да докаже како со чиновничка плата од 50-60 илјади денари гради зграда во центарот на Куманово.Го обвинувал и дека земал пари за да вработува лица во градската администрација, како и дека Спасовски го спасил откако со 1,47 примили алкохол во крвта нападнал двајца сограѓани.
Петрушевски најавува жалба, но и дека ќе бара од Републичкиот судски совет да биде разрешен судијата кој го осудил и покрај пратеничкиот имунитет, како и дека за случајот ќе бидат известени и претседателот на Собранието, амбасадорите во земјава, ОБСЕ и Европската комисија.
Телма стапи во контакт и со претседателката на кумановскиот суд, која не беше информирана за случајот и најави дека ќе се произнесе дополнително.
