Ракомет Спорт

Лазаров: Ако бидеме на најдобро ниво, може да ја изненадиме Војводина

Ракометниот клуб Алкалоид утре ќе дебитира на меѓународната сцена. Прв противник на составот предводен од Кирил Лазаров ќе биде српскиот шампион Војводина во рамки на првото коло во Европската лига на ЕХФ.

Алкалоид можеби е аутсајдер во групата Ф во која се наоѓаат уште и шпанска Ла Риоха и дански  Бјренгбро Силкеборг, но од таборот на македонскиот вицешампион ветуваат борба на секој натпревар, почнувајќи од утрешната средба со Војводина, која лани го освои пехарот во Европскиот Куп.

„Го имаме првиот ривал Војводина, победник на ЕХФ Куп, третото европско натпреварување на ЕХФ минатата сезона. За да се победи во било кој европски куп мора да бидете квалитетни. Оваа година Војводина донесе двајца Тунижани, го имаат Воркапиќ кој е еден од нивните подобри играчи, тука е и Сунајко, унгарски интернационалец и репрезентативец, потоа белорускиот репрезентативец Пуховски, Словенецот Оцвирк… тоа доволно говори со каков противник треба да ги одмериме силите. Македонската јавност во следниот период ќе ужива во овие мечеви, а ние како клуб ќе се обидеме да ги оправдаме очекувањата и да го дадеме најдоброто од себе. Очекувам квалитетен меч, се надевам дека играчите ќе одговорат на предизвикот. Максимално ја респектираме Војводина, но ако бидеме на потребното ниво, ќе се отвори можност за изненадување“, изјави Лазаров.

Капитенот Никола Ѓоргиев вели дека тој и соиграчите се подготвени за предизвикот. Мотивот за докажување на европската сцена е голем.

„Како капитен на екипата, можам да кажам дека сме подготвени и дека играчите се мотивирани, со желба за докажување. За нас овие натпревари ќе бидат едно големо искуство. Би сакал да испратам порака до македонската јавност и публиката да дојдат и да не поддржат“, изјави Ѓорѓиев.

Натпреварот помеѓу Алкалоид и Војводина се игра утре со почеток од 20:45 часот во салата „Јане Сандански“ во Скопје.

Фото: РК Алкалоид

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ФОТО галерија: Вардар повторно подобар од Алкалоид, остана во трката титулата

Дејан Дејан

Одбојкарите во Струмица ги стартуваа подготовките за Златната лига и евроквалификациите

Desk

Лунин останува во Реал Мадрид до 2028 година

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе