win-win Вести Македонија Топ вести

Пендаровски тврди дека некој од опозицискиот врв барал амнестија за Груевски, но не кажува кој

Претседателот Стево Пендаровски во интервју за “Вин Вин” на Телма тврди дека од врвот на најголемата опозициска партија му пристапиле со барање за амнестија на бегалецот Никола Груевски.

-Да бидам прецизен од врвот на најголемата опозициска партија бидејќи, таму немојте да мислите дека владее идеално единство. Има луѓе кои би сакале да бидат калиф наместо калифот. Повеќе не можам да ви кажам, рече Пендаровски.

Пендаровски додаде дека нему директно никој не му пристапил, туку дека тоа било направено преку посредници.

Од друга страна, шефот на државата го негира тврдењето на опозицијата дека имало состанок кај него за амнестија за што се делат стенограм.

Тој ја оспорува тезата дека измените на Кривичниот законик се направени за поранешниот премиер Никола Груевски да се врати.

-Не е вратен. Јас не го гледам. Сигурно и да има (некаков план за негово враќање) нема да оди преку мене, истакна во ” Вин  Вин” претседателот на државата Стево Пендаровски.

– План А, план Б кај мене нема. Јас не сум дел од некаков план. Имаме еден месец закон во сила, потпишан указ. Каде е Груевски? Како е вратен? Каде е скриената амнестија? Медиумите шпекулираат дека Груевски ќе се врати со некое начелно правно мислење на Врховниот суд. Тогаш зошто се измените на Кривичниот законик, ако беше доволно да ги усвоиме па да се врати, наведе Пендаровски во интервју во емисијата Вин Вин на ТВ Телма.

Шефот на државата тврди дека „во ниедна варијанта“ не би дал амнестија како претходниот претседател Ѓорге Иванов.

Претседателот на државата на забелешката дека измените на Кривичниот законик беа донесени набрзина и тој веднаш ставил потпис, рече дека не ги знае мотивите на Владата, но, меѓу другото, кажа дека се подготвува нов законик што ќе содржи член во кој ќе се третираат злоупотребите.

Зборувајќи за измените во Кривичниот законик, Пендаровски рече дека не се точни формулациите во медиумите дека паѓаат или застаруваат побрзо предметите на поранешното Специјално јавно обвинителство.

-Кога е направено СЈО? Во 2015? Осум години до сега. Колку осудивте до сега по тој член 353 како СЈО? Пред три години ги префрливте. Дали сакате да биде 28 години за застареност, вели Пендаровски.

Посочи дека пресуда има за случајот со „мерцедесот на Груевски“ и дека најмногу случаи во Судот во Стразбур имаме за застареност на делата.

-Еве го „мерцедесот на Груевски“ по еден од тие ставови. Вели прибавел имотна користа за себе, го оштетил буџетот или оштетил некој трет. Како е оштетен буџетот со возило кое се купува од безбедносни резони и не треба втор понудувач и ден денеска е во употреба. Како прибавил имотна корист за себе Груевски или Гордана Јанкуловска, а ден денеска го возиме кога ќе дојде некој претседател или премиер. Еве на 29-ти во Скопје ќе дојде (претседателката на Европската комисија) Урсула Фон дер Лајен. Ќе се вози во истиот мерцедес. Значи не можете вие во таканаречени еластични норми, да бидам културен, да ставате се затоа што не можете на друг начин да осудите, рече Пендаровски.

Случајот “Тенк” за мерцедесот беше покренат во СЈО по разговорите кои откриваат дека тендерот за набавката на блиндираното возило е наместен за да се купи посакуваното возило од страна на тогашниот премиер Никола Груевски.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Продолжуваат пропалестинските студентски протести ширум светот

Дејан Дејан

По Велес, претреси и во Охрид – членови на избирачки одбор фотографирале избирачки список и гласачки ливчиња

Дејан Дејан

Маќедонци: Руски хакери ги нападнаа веб-страниците на косовските институции

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе