Полната дневна агенда на српскиот претседател Вучиќ не му дозволила целосно да ја погледне изјавата на потпретседателот на Српска листа, Милан Родоичиќ кој денеска призна дека ја организирал и спровел акцијата во селото Бањска. Вучиќ вели дека ја видел само во скратена верзија, но сепак некои прашања, вели, ќе мора да бидат поставени.
- Ако некој мислел дека тој ќе бега – нема. Тој и момците кои учествуваа со него се горди на тоа, на тоа гледаат на поинаков начин. Мислам дека никој нема право некого да убие. И затоа мислам дека, како и за некои други работи, ќе мора да се постават некои прашања. А можеби воопшто не учествувал во тој дел, па обвинителот ќе најде друго или нема да најде ништо, тоа е прашање на обвинителот, не на нас, изјави Вучиќ.
Радоичиќ призна дека целата операција ја организирал лично тој, без знаење на Белград, затоа што од претходно имале несогласувања за тоа каков отпор треба да пружат Србите. Но, Курти не му верува, и е убеден дека логистиката и наредбите ги добивал од Белград, а тој бил само егзекутор.
Обидот српскиот претседател да се одвои од потпретседателот на Српска Листа е веќе виден филм, тврди Курти. Смета дека врската меѓу Вучиќ е Радоичиќ е неразделна, а Србија нема да се откаже од намерата да го дестабилизира Косово, со помош од Русија.
- Она што сега се обидуваат да го направат е да го раздвојат Радоичиќ од Вучиќ. Затоа што Радоичиќ на терен во Бањска, Звечан го извршуваше тоа што Вучиќ го нарачуваше од Белград. Сме ги виделе заедно на средби во Белград и во Рашка. Значи ова е типична врска од пред 30 години како меѓу Милошевиќ и Аркан. Го гледавме овој лош филм, смета Курти.
Косовската полиција од утринава вршеше претреси на три локации каде и заплени дел од имотот на Радоичиќ.. Две возила мерцедес, пет килограми сребро, еден дрон, надзорни камери, компјутери и оружје. Во тек е постапка за одземање на неговата вила на брегот на езерото Газиводе, еден пентхаус и еден ресторан.
Министерот за внатрешни Џељал Свечла објави видео од внатрешноста на луксузната вила на Радоичиќ, која е изградена на карпа, низ која минува еден од неколкуте тунели за главниот пат кон Брњак.
- Ова докажува дека Радоичиќ наликува на Пабло Ескобар. Тој и соработниците станаа мултимилионери под маските дека ги бранат граѓаните, напиша Свечла.
Ситуацијата на северот од Косово е загрижувачка и за НАТО Алијансата. Одлчучено е да се испратат дополнителни трупи, што за Приштина е олеснителна околност затоа што тврдат дека српската армија ги зајакнува капацитетите со воена опрема од Русија и од Кина.
Алиса Шутиноска