Вести Македонија Најважни

Пендаровски: Бев консултиран да го амнестирам Груевски

Дека сценарио за спас на експремиерот Груевски се дискутирало во политичките кругови потврди претседателот Стево Пендаровски. Во интервју за „Трилинг“ открива дека бил консултиран да го амнестира избеганиот Груевски. Уверува дека не би го сторил тоа.

„На едно неформално ниво од пред седум, осум месеци некои актери од политичката сцена ме консултираа околу таа можност, што мислам околу таа можност. Им реков децидно дека тоа не би го направил никогаш, бидејќи тоа би било рушење на правната држава. Таков тип на милосрдие стои во Уставот, но јас не мислам дека сум султан или монарх во оваа држава за такви кривични дејанија самиот да пресудувам и да решавам што е право, што не“, изјави претседателот Пендаровски. 

Шефот на државата не ги коментира мотивите и тајмингот за носење на измените на Кривичниот законик (КЗ) со кои се намалуваат казните на функционерите, но не ги врзува со обезбедување на тротретинско мнозинство за уставните измени. Тврди дека со овие измени, Груевски ниту може да се врати во Скопје, ниту е магионичар да обезбеди 10 пратеници од Будимпешта.

Од ВМРО-ДПМНЕ го повикаа Пендаровски да каже кој барал од него амнестија за Груевски.

Од кабинетот на претседатеlот посочија дека предлозите дошле од луѓе блиски до опозицијата.

„До претседателот Стево Пендаровски, во текот на оваа година, во два наврата, беа упатени предлози да размисли за помилување на одредени политичари или да поддржи донесување на закон за амнестија на актуелни и поранешни политичари. Тие предлози, преку посредници, до претседателот Пендаровски беа упатени од политички и безбедносни структури кои се блиски до актуелната опозиција, како и од поранешни политичари“, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот. 

Невладините пресметаа во кои предмети ќе куртули од затвор Груевски со измените на КЗ. Во „Траекторија“ за кинеските автопати. Во ТНТ за уривање на комплексот „Космос“, делумно во „Титаник“ за изборни измами, а едно дело му застарува и во „Талир“. Насилството во Општина Центар и за „Тенк“ се приближуваат до застарување.

Груевски беше осомничен и во предметот за организаторите на 27 април, ама истрагата против него беше сопрена, затоа што е во бегство. Измените на КЗ не го засегаат предметот „Плацеви на Водно“, кој се наоѓа пред Врховниот суд.

Законските измени со кои се скратија казните и роковите на застарување за политичарите кои правеле злоупотреби на штета на буџетот, стапија на сила вчера. Беа донесени експресно без јавна дебата и со забелешки дека ќе резултираат со скриена амнестија и негативни ефекти на борбата со корупција. Претставниците на власта се обидуваат да прикажат дека целта не е неказнивост, туку  прецизирање на одредбите и поефикасна конфискација, но јавноста реагира зошто се потребни пониски казни за да има поуспешна конфискација.

Елена Ивановска Мукоска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

За повеќе од 7% ќе поскапи парното греење?

Дејан Дејан

Телма открива: како пропадна проектот за реновирање на водоводот во Гостивар

Дејан Дејан

Со парите што ги зеде од М-нав, Лотарија и МЕПСО државата го враќа кинескиот кредит

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе