Вести Култура Топ вести

„Кајмак“ на Манчевски со награда на фестивал во САД, наскоро премиера и во Австралија

„Кајмак” на режисерoт Милчо Манчевски ја освои наградата за најдобар филм на фестивалот „Синеквест“ во Калифорнија, САД, каде ја имаше и американската премиера. Светскиот продажен агент „Левел К“ од Копенхаген го пласираше „Кајмак“ и во Австралија, каде наскоро ќе почне прикажувањето, соопштија денеска од „Банана филм“.

„„Синеквест“, чие 33. издание заврши синоќа, е еден од најголемите и најреномирани независни фестивали на американскиот континент, а специфичен е по програмата што поддржува иновативни уметнички дела. Се одржува во Сан Хозе и Редвуд Сити во Силиконската Долина. Ова е втора награда за три дена за „Кајмак“, откако претходно освои специјално признание на жирито ФЕДЕОРА – Федерација на филмски критичари од Европа и Медитеранот, на фестивалот во Херцег Нови, Црна Гора“, пишува во соопштението.

Овој месец „Кајмак“ ќе биде прикажан на уште три фестивали: „i-Fest“ во Калабрија, Италија, каде ќе бидe прикажанa и ретроспектива на опусот на Манчевски, „Балкан панорама“ во Измир, Турција, и „Avant&Una“ во Бихаќ, Босна и Херцеговина.

„Две награди за три дена. Не е лошо за филм што нашата Агенција за филм го блокира, забранува и одбива да го исплати“, се наведува во пишаната изјава на Манчевски.

„Кајмак“ е македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од „Еуримаж“. Ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио – А-категорија, потоа продолжи со фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија и така натаму. Филмот ја освои и специјалната награда на жирито на „Фантаспорто“ во Португалија, а Сара Климоска беше прогласена за најдобра актерка на фестивалот во Сомбор, Србија. Филмот во јуни ја имаше и данската премиера во Копенхаген.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе