Владата донесе одлука во хуманитарна операција во Словенија да испрати 100 припадници на АРМ кои ќе помогнат во областите погодени од катастрофалните поплави. Војниците кои сe испраќаат за перидо од 30 дена, подготвени се да заминат утре и да бидат на располагање на словенечка држава во санирање на последиците од поплавите
-. Сега засега ова е тоа што е побарано, побарани се и други технички средства за која ние не сме во можност да одговориме, но секако ако се испратат барања на кои ќе можеме да одговориме ќе одговориме Во барањето од Словенија се бараат 200 војници, а Македонија испраќа 100, или 50 отсто што значи дека останатите ќе ги покријат другите земји членки на НАТО, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Петровска вели жално е што и трагедијата во Словенија се користи за шпекулации и дезинформации дека доцниме со нашата помош, затоа што уште од првиот момент Македонија беше во контакт до словенечките власти, но се чекаше на одговор од нив.
-Од првиот момент кога се случија поплавите, стапивме во контакт со колегата од Словенија, премиерот, претседателот и ја понудивме нашата несебична поддршка. Од нивна страна ни беше кажано дека штом ја направат анализата ќе бидат доставени барања и во текот на вчерашниот ден, преку системот за помош и поддршка во вакви кризни ситуации на НАТО и ЕУ беа доставени барања и затоа веднаш изреагиравме, рече Петровска.
И Црвениот крст на Македонија објави дека издвои 5000 евра од своите средства за Словенија, на располагање се и нивните волонтери и тимови за интервенција, а исто така отворена е и сметка за донации.
Инаку штетите од катастрофалните поплави во Словенија, како што објави словенечката Влада, изнесуваат неколку милијарди Евра. Големите поплави зафатија две третини од земјата за време на викендот, а невремето однесе најмалку 6 жртви, уништени се куќи, урнати згради и мостови. Илјадници луѓе се евакуирани од своите домови. Како што соопшти словенечката агенција за животна средина, водата почна да се повлекува вчера, но некои подрачја се уште се отсечени.
Од секаде пристигнува помош за најголемата катастрофа во поновата историја на Словенија. Европската Унија понуди тешка машинерија и инженерски единици. Утре и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ќе отпатува во Словенија да изрази солидарност и поддршка. Помош пристигнува и од земјите членки на НАТО
Емилија Мисирлиевски
