Вести Најважни Свет

Пригожин во егзил во еднодневната војна и мир на руско тло – Лукашенко тврди дека пристигнал во Белорусија

Белорускиот претседател Александар Лукашенко потврди дека шефот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин пристигнал во Белорусија, неколку дена по 36-часовниот воен бунт на платениците кој беше невиден предизвик за авторитетот на руското раководство. Според него, добро би дошло присуството на вагнеровите војници во белоруската армија.

Точната локација на Пригожин, сепак, не е позната. Воениот лидер не е виден на ниту едно видео или фотографија, откако го напушти воениот штаб во Ростов на Дон во саботата навечер. Но, сателитските снимки на глобалната компанија за следење „Блек Скај“ покажуваат дека два авиони поврзани со Пригожин слетале во белоруска воена база надвор од Минск. На двата авиона им биле исклучени транспондерите пред слетувањето, со цел да не се дознае локацијата.

Од газда на приватна армија со затвореници осудени за тешки кривични дела, до човек со големи воени, политички и, пред се, финансиски апетити. Евгениј Пригожин, кој на површина во јавноста излезе како готвачот на Путин, се обиде да стане фактор во внатрешната сцена во Русија. Како шеф на воената компанија „Вагнер“, заедно со илјадниците војници под негова команда, ги водеше некои од најсмртоносните битки во војната во Украина.

Делуваше на неколку точки долж илјада километарскиот фронт, а по заземање на Бахмут го отстапи градот на регуларните руски сили и се повлече во позадина. Негова честа мета на критики во изминатиот период беше воениот врв на Русија, генералите кои раководат со воените операции во Украина, и особено министерот за одбрана Сергеј Шојгу. Викендот отиде чекор напред, па ги поведе своите единици кон Москва.

Брзиот напредок на терен беше изненадување за целиот свет. Откако го зазеде главниот штаб на руската армија на Јужниот округ во Ростов на Дон, тргна кон главниот град. Но, на 200 километри издаде наредба за своите војници за повлекување. Еднодневната војна и мир на руско тло во саботата однесе животи на неколку руски војници и, според Пригожин, беа соборени неколку летала.

Но, лидерот на „Вагнер“ се спаси од прогон и ги прифати условите за егзил во Белорусија на претседателот Александар Лукашенко. Засега, наводно е во Белорусија, но никој со сигурност не може да предвиди што ќе се случи со „Вагнер“ и неговите војници во иднина.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Продолжуваат пропалестинските студентски протести ширум светот

Дејан Дејан

По Велес, претреси и во Охрид – членови на избирачки одбор фотографирале избирачки список и гласачки ливчиња

Дејан Дејан

Маќедонци: Руски хакери ги нападнаа веб-страниците на косовските институции

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе